Петар Печков
Објавено: недела, 04 март 2012
По 559 години Турците повторно го освоија Константинопол, овој пат без оган и меч, туку со филмски спектакл, кој веднаш предизвика спротивставени реакции.
Во 850 кина ширум земјата, стигна долго очекуваниот филм „Фетих 1453“ (во превод „Освојување“), во кој на спектакуларен, холивудски начин се прикажува како султанот Мехмед Втори своевремено го освоил Констанинопол. Судејќи според првите реакции, за Турците тоа е епопеја од славното минато, а за христијаните 29 мај 1453 година е датум кој означил почеток на вековното страдање, отварање на рани, кои некаде во дното на душата и ден денес тлеат и крварат.
Познатиот режисер Фарук Аксој филмот го снимал повеќе од две години. Чинел баснословни 13 милиони евра, што е рекорд во турската филмска продукција. На почетокот забележал рекорд: за само четири дена го гледале милиони граѓани.
Филмот почнува со зборовите кои наводно ги изговорил пророкот Мухамед. „Еден ден Константинопол ќе биде освоен. Тоа ќе го направи големиот војсководец, тоа ќе биде една силна војска“. Тој аманет, ако воопшто постоел, го исполнил султанот Мехмед Втори, кој по погромот на Константинопол добил прекар Освојувач.
Локалните медиуми веќе ги пренесуваат првите реакции. Меѓу муслиманите прикажувањето на филмот е дочекано со зборовите: „Тој датум означи почеток на новото доба во светската историја“ или „’Фатих 1453’ е приказна за величествената победа која имала големи импликации по муслиманскиот свет“, или „Имаме величествено минато, уште еднаш се почувствував горд на своите предци“, истакнуваат гледачите на филмот.
Ретки се тие кои во Турција не делат пофалби, но сепак постојат.
Филмот нема уметничка вредност. Тој е направен само гледачите да ги направи среќни, вели Фазил Сај, светски познат пијанист, кој прокоментира за да демантира дека тој ја компонирал музиката за филмот, како што пишува на телопот. Тој предупреди дека „Фетих 1453“ ќе предизвика „проблеми меѓу гледачите кои имаат различно историско и културно минато“, пренесува тиражниот весник „Милиет“.
Авторите како да го имаа тоа на ум, па на крајот на филмот султан Мехмед Освојувач божем им ветува на Грците дека „Турците ќе бидат толерантни кон христијанските верници“. Тие како да заборавиле на историските факти: султанот по масакрот, откако на коњ влегол во Константинопол, за да ја покаже својата моќ Света Софија ја претворил во џамија и токму во тој храм се поклонувал на Алах.
Историјата горко си поиграла со малубројните христијани, кои по масакрот се повлекле од Истанбул. Речиси истиот ден кога „Фетих 1453“ почна да се прикажува, васеленскиот патријарх Вартоломеј Први во турскиот парламент побара конечно да се исправат многубројните неправди кон припадниците на верските малцинства со цел повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред. Како што можеше да се очекува, филмскиот спектакл веднаш предизвика остри критики во христијанскиот свет.
- Ова е освојувачка пропаганда на Турција, провокација... Отоманските освојувачи се претставуваат како господари на светот. Во филмот не се прикажуваат масовните убиства на Грци и крадењето на нивниот имот, кое тогаш го направиле Турците, напиша атинскиот неделен весник „Прото тема“.
Христијаните кои живеат во Германија исто така со исвиркување го дочекаа новото освојување на Константинопол и повикаа на бојкот на филмот.
Турците треба да се срамат поради тоа што го направиле на христијаните, а наместо тоа сега слават и го величаат освојувањето на Константинопол“, истакнуваат во здружението на христијани во Келн и велат дека пред кината ќе делат брошури со објаснување зошто не треба да го гледаат тој филм.
текстот е преземен од Политика - Белград
Tweet |