Петар Печков
Објавено: недела, 26 февруари 2012
Саемот ќе се одржи од 6 до 18 март во изложбениот центар „Палекспо“ и според најновите проценки се очекуваат над 700.000 посетители, соопштија организаторите
„Женева можеби нема да биде најголемиот саем, но сосема е извесно дека е најдобар и најефикасен град за претставување на имиџот на производителите на возила“, изјави Андре Хефти организатор на смотрата.
- Во Швајцарија ќе се соберат 260 излагачи од 30 земји, кои ќе претстават 700 стокови марки, додаде Хефти.
Како што се наведува во Женева ќе дебитира и најновиот „фиат Л“ модел на „Фиат“ за 2013 година, кој ќе се произведува во Крагуевац. Италијанскиот автомобилски гигант, неодамна објави уште три официјални фотографии на компактниот кросовер „500 Л“, но се уште не се откриваат сите детали за опремата на возилото кое ќе можат да го видат посетителите на салонот.
Оваа година ќе биде прикажан „Автомобилот на годината“ на собир кој ќе се одржи на 5 март, еден ден пред официјалното отварање на салонот, по одлука на жири во кое се 69 новинари, специјалисти за автоиндустрија.
Минатата година трофејот е доделен првпат на автомобилот „лиф“ на јапонската компанија „Нисан“. Оваа година има седум финалисти - „ситроен ДС5“, „фиат панда“, „тојота јарис“, „форд фокус“, „опел ампера“, „ренџ ровер ивоук“ и „ап“ како најнов модел на „Фолксваген“.
Во текот на саемот францускиот дизајнер и љубител на возила Филип Старк ќе го претстави неговиот „зелен автомобил“ во „Зелениот павиљон“ каде ќе се најдат и други најнови возила опремени со најнова еколошки прилагодена технологија. Посетителите ќе можат да ги тестираат овие возила на патека блиску до саемот.
Меѓу најмногу очекуваните нови автомобили ќе се најде и „ауди А3“, трета генерација на германскиот модел од кога е лансиран во 1986 година, новиот „порше бокстер“ и „дачија лоџи“, ефтино повеќенаменско возило на француската компанија „Рено“.
Посетителите ќе можат да го видат електричното возило „рено зое“ на „Рено“ и луксузното возило „ферари калифорнија“.
Женева е еден од најзначајните салони на автомобили во светот, што гигантите на автоиндустријата ќе го искористат да ги претстават своите најнови достигнувања во момент кога купувачите тешко се одлучуваат да купат нов автомобил поради глобалната криза.
На саемот во Женева ќе бидат претставени и новиот „форд Б-макс“, „опел мока“, рестилизираниот „рено меган“, потоа „порше боксер“, но и освежениот модел на БМВ „Х6“. Се очекува и „Мицубиши“ да го претстави новиот „аутлендер“, а една од ѕвездите на салонот ќе биде и „Мерцедесовата“ А класа. Од „Дајмлер“ ќе стигне уште еден новитет, редизајнираниот „смарт фор ту“, а своите адути ќе ги покажат и „Фолксваген“, „Тојота“, „Киа“, „Хјундаи“ и останате гиганти на автоиндустријата.
Посебен дел на авто-салонот во Женева ќе биде посветен на „зелените“ автомобили за кои како што се потенцира никогаш не биле во поголем број на едно место.
Tweet |