Петар Печков
Објавено: среда, 27 април 2016
Група од 30-тина мигранти вчера вторник попладне, минаа низ Велес. Тие се движеа по железничката пруга Гевгелија - Скопје. Групата беше развлечена мажките напред додека жените и децата на крајот од колоната.
Дечињата на возраст од 3-4 години видно преморени од патот, од одењето по камен, плачеа и бараа од нивните мајки да ги земат в раце. Поради тоа што тешко се движеа, тие беа далеку од поголемата група, која веќе беше стотина метри пред нив. Една од жените која се претстави дека е мајка на детенцето и го водеше за рака, на англиски јазик, рече дека се од Авганистан.
Два дена патуваме по пругава. Ноќеска беше многу ладно, децата се уморни, не можат да се движат. Ние сакаме само да одиме за Германија, назад не сакаме - рече жената која немаше повеќе од 30-тина години.
На прашањето каде се наоѓаат кажа дека е во Македонија патуваат за Србија, но само се насмеа наместо одговор како влегле во земјава. Знаеше и за опасноста дека може да наиде воз по пругата. По македонските пруги, измините две години загинаа околу 40-тина мигранти, повеќето од Азија но имаше и од Африка.
Во неделата вечер македонските медиуми јавија дека група на мигранти незабележана од полицијата влегла во земјава. Според фотографот на Франс Прес, кој и ги фотографирал, тие дошле од кампот Идомени а во групата имало жени и мали деца. Македонската полиција негираше дека е забележан влез во земјава на мигранти, но посочи дека е зголемен бројот на обиди за илегален влез на мигранти.
Од почетокот на март е затворена Балканската рута за беглаците од земјите на Средниот и Блискиот исток, кои две г одини минуваа и низ Македонија како дел од таа рута.
Tweet |