Петар Печков
Објавено: вторник, 25 октомври 2011
Починатите во општата Болница во Велес, кон вечното почивалиште се испраќаат во недостојни услови и без нужната почит. Поплаките на нивните блиски се за сместувањето на мртвите во капелата од болницата, која е руинирана куќарка стара половина век и таа е недостојно место каде се чуваат телата пред да бидат предадени на семејствата. Постојниот објект не ги задоволува ни здравствените, ни хуманите, ниту хигиенските критериуми, тоа го потврдуваат и од оваа здравствена институција.
Во просторијата има лоша, непријатна миризба, видов дека има остатоци од крв, подот беше нечист. Бев разочаран и вознемирен кога со сопствени очи видов како нехумано се згрижени починатите во Велес. Овој проблем треба итно да се реши – вели велешанец кој е разочаран од глетката што ја видел во мртовечницата од Општата Болница.
Овој проблем е присутен десетина година, имало најави но проблемот досега не е решен. За мртовечницата е запознаено и Министерството за здравство. Заменикот министер ветува дека тој следната година ќе биде решен.
Ветувањето што при отворањето на реновираната болница го дадовме, ќе го исполниме. Директорот не запозна со овој проблем, со мртовечницата и таа во скоро време ќе се реши. Ве уверувам дека починатите ќе имаат достоен третман – изјави Јовица Андовски заменик министер за здравство.
Tweet |