речник контакт

Миле ѕвончарот

Ѕвонците се лична карта за животните, според кои сопствениците си ги препознаваат, вели 70-годишниот велешанец Смиле Миров познат во градот како Миле ѕвончарот.

Петар Печков

Ѕвонците се лична карта за животните, според кои сопствениците си ги препознаваат, вели 70-годишниот велешанец Смиле Миров познат во градот како Миле ѕвончарот. Тој 55 години изработува ѕвонци, прапорци и клопатарци и е еден од последните ѕвончари во земјава. Кај него доаѓаат сточарите да купат ѕвончиња за овци, кози, говедата, коњи и друг добиток за да не изгубат додека се на пасење. Работилницата на Миле ѕвончарот е во месноста Речани, во делот од каде што Веле се снабдува со градинарски производи.

- Јас ја нарушив семејната традиција. Потекнувам од Мирови, познато велешко семејство, кое се занимава со земјоделство. Но, во времето кога завршив училиште се решив да одам на занает, кај пријател на татко ми. Не згрешив оти имаше добар живот - вели Миров.

Занаетот почнал да го работи на 15-годишна возраст. Првите 10 години бил чирак, а потоа се осамостоил. Се жали дека пазарот му е се\' помал. Има муштерии речиси од цела Македонија, но најмногу од западниот дел на земјата. Мајстор Миле ѕвончарот вели дека порано неговите производи се трошеле и многу биле барани во Босна и Херцеговина. Вели дека порано во оваа земја годишно испорачувал по три-четири тони производи. Произведува ѕвонци со различна големина, во зависност дали се за јагниња, за кози, за овци, за говеда и коњи, а посебни се ѕвонците за предводниците на стадото. Тие се посилни за да ги слушаат другите животни, да ги следат и да бидат сигнал за овчарите.

- Нема есап како порано кога работев, но сепак се живее. Поради цената на материјалот, наместо од бакар, сега се изработуваат од месинг. Ги украсувам за да бидат полични, иако се наменети за животни - вели мајстор Миле.

Неговите производи ги има на велешкиот пазар, каде што ги продава на парче. Нуди и ѕвончиња за порти, звук што се\' поретко се слуша во велешките маала, но, сепак, вели се\' уште ги бараат. За рибарите има прапорци, кои тие ги прикачуваат на јадицата за да сигнализираат кога рибата гризе на мамецот. Ѕвончарот се откажал од изработка на клопотарци, бидејќи слабо се барале. Порано изработувал и делови за машините во фабриките „Порцеланка“.

Еднаш неделно мајстор Миле оди во работилницата во која на 1.100 Целзиусови степени ги лее ѕвонците. Специјалната леарска песок ја набавува во селото Јањево, во Косово. Стариот мајстор со носталгија зборува за златните времиња на велешката чаршија, кога била полна со лимари, ковачи, налбати, калајџии, самарџии...

\"\"

- Малку занаетчии останаа, се запусти чаршијата. Веќе не се слуша звукот на чеканите. Металците се собиравме на нашиот празник Василица. Занаетот нема иднина, тоа е суровата вистина - вели мајстор Миле.

Тој не пропушти да потсети дека негово дело е и ѕвоното на старата велешка гимназија. Откако старото се скршило, побареле тој да изработи ново ѕвоно. Тешко е 12 килограми, но и тоа ретко се употребува, отстапувајќи им место на новото време и на новата технологија.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »