речник контакт

Милица и Ненад, ѕвездите на шоуто „Јас имам талент“, зборуваат за победата

Глувонемите хип-хоп танчери ги освоија срцата на публиката и однесоа победа во вториот серијал на шоу програмата. Дел од наградата ќе го подарат на роднини и на деца на кои им треба помош.

Петар Печков


Тешко дека било кој од нас животот може да го замисли без звуци, песни, да не го слуша гласот на мајката или своите пријатели, но токму така живеат глувонемите хип-хоп танчери од Параќин, Милица Ѓокиќ (21) и Ненад Махмутовиќ (22) кои ги освоија срцата на публиката и однесоа победа во вториот серијал на шоу програмата „Јас имам талент“.

Кога во студиото во Кошутњак ги прочитаа нивните имиња почнаа да скокаат од среќа, а Милица некако успеа да не заплаче.

- Пресреќна сум. Не размислував за победа иако вредно се подготвувавме и многу работевме, рече со насмевка Милица.

Втората половина на овој тандем Ненад исто така се радува поради значењето на оваа победа.

- Ова навистина не го очекував. Многу сум среќен. Целта ни беше да покажеме како и ние со хендикеп без слух и говор можеме исто што и сите други и да послужиме како пример на младите луѓе. Ова за нас е остварување на најголемиот сон, рече тој.

Најталентираните танчери во Србија велат дека долго ги познаваат и дека се одлични другари, а дека уште повеќе се зближиле вредно вежбајќи за шоуто „Јас имам талент“.

- Едвај чекаме да одиме некаде на одмор. Сигурни сме дека сега Параќинци ќе не дочекаат со трубачи и дека ќе има голема веселба, уште поголема од веселбата кога се пласиравме во финалето, вели Ненад.

За тоа како ќе ја потрошат наградата од 100.000 евра двајцата одговорија со насмевка.

- Се уште не сум одлучил. Има време за тоа. Можеби ќе купам стан или автомобил, ќе помогнам на семејството. Сигурно ќе помогнам на Здружението на глуви и наглуви во Параќин, рече за „Блиц“ Ненад.

Милица исто така планира дел од парите да ги приложи во хуманитарни цели, таа сака да помогне на болни деца за кои се грижат калуѓерки од манастирот во селото близу Параќин.

Како што велат, тешко дека оваа победа ќе ги промени толку да не го продолжат својот живот кој го имале пред почетокот на натпреварот. Сугурно е дека по победата ќе вежбаат поинтензивно, уште повеќе ќе се посветат на танцувањето и ќе уживаат во тоа што јавноста виде колку вредат.

- На нас ни беше целта да излезема од својот свет и да им покажеме на луѓето дека постоиме. Оваа победа може само да не носи напред, поинтензивно и подобро да работиме, да се усовршуваме, рече Милица не криејќи ја насмевката.

Милица и Ненад на секое појавување во шоу програмата одеа со преведувачката Ивана Тасиќ која им помагаше околу давањето интервјуа, но затоа немаа никакви проблеми да се снајдат сами на сцената и тоа многу успешно.

Велат дека за финалето „Јас имам талент“ вежбале интензивно и секој ден, што на крајот се исплатело, а инаку вежбаат двапати неделно. Интересно е тоа дека талентот кај Милица и Ненад го откри нивната професорка и ги насочи на танц.

- Еден ден додека бевме во училиште, професорката од нашето средно училиште „11 Мај“ во Јагодина не праша дали сакаме да подготвиме една кореографија за училишна приредба по повод денот на училиштето. Ние секако сакавме, но ни беше чудно зошто не прашува кога знае дека имаме оштетен слух. Таа беше упорна, ни пушташе снимки на ДВД, ние ги гледавме и се обидувавме да ги емитираме, а подоцна и да ги извежбаме, ги објаснува Ненад нивните почетоци во модерниот танц.

- На почетокот одеше тешко, но со време бевме се подобри и подобри. Ги броиме тактовите со помош на кореограф, а кога тоа ќе се извежба потоа се пушта музиката и се вклопуваме со неа. Немаме исто оштетување на слухот и некако се вклопуваме, а многу ни помага што ги чувствуваме вибрациите на басот, ни рече Милица.

Покрај чекот од 100.000 евра Милица и Ненад добија шанса и да остварат договор на соништата – потенцијален договор за почеток на кариера.

Превземено од Блиц – Белград

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »