Петар Печков
Објавено: петок, 12 февруари 2021
Минатата година и во Велес и во велешко природниот прираст бил во негатива. Или имало повеќе починати лица отколку живо родени бебиња. Ова го покажуваат податоците кои ТрМр ги доби од надлежните институции во градот, службата за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца, каде новороденчињата се евидентираат по адреса на живеење -Велес и од ЈКП Дервен каде починатите се евидентираат по издадени дозволи за погреб - на некој од велешките гробишта и православни и муслимански.
Според издадените дозволи за погреб во велешко, тоа се градот Велес и селата, без соседните општини Градско и Чашка, во 2020-та имало 693 погреби. Според место на живеење -велешко лани се родиле 384 бебиња. Тоа значи дека има 309 повеќе починати отколку родени. Што се однесува до градот Велес состојбата е слична. Има 584 издадени дозволи за погреб а 294 новороденчиња со адреса на живеење Велес. Или тоа 290 повеќе починати отколку здраво родени бебиња.
За да се донесе целосен заклучок дали и колкав е природниот прираст во градот Велес и општината, потребна е и релевантна бројка на доселени но и отселени жители.
Претходно ТрМр објави дека во велешко има за 80 помалку бебиња во 2020-та отколку во 2019-та. Додека во градот Велес, без селата состојбата е слична, има 71 бебе помалку.
Во однос на починатите кои се погребани во велешко има осетно зголемување. Во 2020-та погребани се 693 лица, податок за градот Велес и селата, додека во 2019-та имало 595. Или во бројки тоа е 98 починати повеќе.За бројот на починати во градот Велес, податоците илустрираат дека во 2020-та имало 584 погреби, наспроти 506 во 2019-та или за 80 повеќе.
За крај на оваа анализа, податок кој не ветува многу. Минатата година во Управата за водење матична евиденција -Велес, биле склопени 266 брака, наспроти 406 во 2019-та година Или тоа за 140 брака помалку. За овие бројки треба да се има во предвид, дека не се вистинска илустрација на состојбата. Оти некои велешани брак склопуваат и во други градови, иако по адреса на живеење се жители на Велес, но склопуваат брак во Охрид, Скопје и нивниот брак е евидентиран во тој град. Исто како што во Велес брак склопуваат жители на Свети Николе (оти таму нема сала за свадби, па нив ги прават во Велес, до избувнувањето на ковид пандемијата), но тие бракови, иако младите се од Свети Николе се водат како велешки.
Tweet |