Петар Печков
Објавено: сабота, 02 март 2013
На пошироката јавност Милица Јаковлевиќ и' е позната по својата лесно приемлива проза, со која ја обележа српската ( и југословенската) литература меѓу двете светски војни
Иако романите на Милица Јаковлевиќ-Мирјам отсекогаш важеле за лесна литература, па во разни периоди била потценувана нивната вредност, сепак секое нивно издание доживувало голема популарност и голем тираж.
Во последниве 4-5 години, српскиот режисер Здравко Шотра сними три серии според три романи на Мирјам: „Ранетиот орел“, „Гревот на нејзината мајка“ и „Непобедливо срце“, кои од почетокот на годинава во континуитет се прикажуваат на програмата на Сител. Овие серии пред неколку години ја вратија популарноста на сите дела на Мирјам во Србија, а се чини сега тоа се случува и во Македонија. Иако за време на својот живот Мирјам била популарна колку и нејзините романи, сепак целиот живот останала сама, а на крајот и заборавена.
Осаменоста ме следи низ целиот живот. Самотијата ја гради мојата самостојност... Осаменоста продлабочува, во неа се размислува и се гради духот, се разговара сам со себе, се наградуваат постапките, се усовршува... Секој би требало да проживее извесно време во самотија за да се запознае себеси. Многумина се жалат на осаменост, а не сфаќаат колку убавина има во тој живот, кога единствен другар е книгата, а убавината на природата - хоризонт на животот“, првпат Милица Јаковлевиќ-Мирјам ги доверила своите најинтимни мисли во автобиографијата „Никулците на Шумадија“.
Тоа го пишувала сама и заборавена, по Втората светска војна, кога се сеќавала на некои посреќни времиња, кога оптимистична, дружељубива и полна со живот ја маѓепсувала јавноста. Нејзиниот литературен свет, исполнет со убавина, завршил во почетокот на зимата во 1952 година, кога добила запаление на белите дробови и починала.
Бидејќи била во немилост на тогашната власт, веста за нејзината смрт не ја објавил ниту еден весник.Шеесетина години подоцна, под влијание на екранизацијата во вид на ТВ- серии на нејзините романи, нејзините дела доживуваат повторни изданија, не само во нејзината родна Србија, туку и кај нас во Македонија. Најчитаната српска новинарка и писателка меѓу двете светски војни, Милица Јаковлевиќ-Мирјам (1887-1952), е родена во Јагодина, а детството и младоста ги минала во Крагуевац. Бидејќи завршила Учителска школа во Белград, повеќе од десет години работела како селска учителка.
По Првата светска војна се преселила во Белград и почнала новинарска кариера во белградскиот весник „Новости“. Потоа пишувала во „Неделни илустрации“, а по ослободувањето, т.е. по Втората светска војна, кусо време била новинар на вечерниот весник „Глас“. Во тоа време немало многу жени-новинарки, а во монографијата за два века на српското новинарство (1791-1991), меѓу стоте најзначајни новинари се забележани само три жени: Мага Магазиновиќ, Деса Глишиќ и Милица Јаковлевиќ-Мирјам.
Сепак, на пошироката јавност Милица Јаковлевиќ и' останала позната по својата лесно приемлива проза, со која ја обележала српската (па и југословенската) литература меѓу двете светски војни. Под псевдонимот Мирјам објавила повеќе љубовни приказни и романи, во кои ги доловува животот и вредностите на граѓанската класа во меѓувоена Југославија. Многумина ја нарекувале и Џејн Остин на српската литература, поради лесните, љубовни содржини, едноставниот и сликовит стил.
Иако пишувала за љубовта и бракот, а нејзиното навидум лесно четиво упатувало илјадници млади девојки во тајните на љубовта и брачниот живот, таа самата никогаш не се омажила. За нејзините најтајни доживувања и чувства не се знаело премногу.Љубопитните читателки од нејзиното време се обидувале да дознаат со кого се дружи и како живее оваа чудесна писателка, која во виолетова пелерина, дотерана и негувана, со долги локни шетала по белградските улици.
Но Мирјам вешто се криела зад својата работа и тврдењето дека се дружи најмногу со своето семејство (имала две сестри и брат).Нејзината автобриографија „Никулците на Шумадија“ покажуваат дека тоа било далеку од вистината. Убавата и скромна Мирјам, патријархална девојка од добро семејство, имала и бурни љубови.Белградските соседи (важна социјална институција во тоа време) говореле дека нејзината куќа ја посетува еден од најпознатите, најпопуларните и најпривлечни актери во тоа време - Божа Николиќ.
Сепак, тоа било се' што дознале, зашто Мирјам секако била обожавателка на театарот. Некои нејзини пријатели тврделе дека Божа сакал да се венчаат, но Мирјам наводно не сакала. Не се ни сомневале дека Божа е најголемата љубов на познатата Мирјам, но не и единствена.Љубовта према Словенецот, Витој, кому му го посветила романот „Словенечка гора“, била многу страсна, а нејзината училишна симпатија Света вечно страдал по неа... Витој имал големо влијание и на нејзиниот живот и професија на новинар.
Постојано ги читала неговите написи во „Јутро“, се трудела да пишува како писателка, градела свој стил... Тој бил заслужен и за нејзиниот прв бакнеж.
„Вториот ден јас и Витој излеговме на попладневна прошетка. Ме одведе во паркот Тиволи. Колку е тоа прекрасен парк, светол, пол со цвеќиња, покрај мало езерце. Седнавме на клупата, разговаравме и замолчевме. Птиците црцореа околу нас, децата си играа во долината, сенките од дрвјата не' покриваа нас, езерото беше мирно, а мојата душа разбранувана. Витој одеднаш се наведна пониско, ме прегрна преку рамениците и ми ги бакна усните“, открива Мирјам.
Во својата автобиографија Мирјам го опишува романтично своето родно место, бурниот предвоен Белград, животот во времето на австроунгарската окупација, животот во паланка, местата каде што се излегувало во нејзиното време, настаните во кралството Југославија, како и сите народи што живееле во неа... Тоа е детална и многу интимна приказна за растењето, школувањето и љубовта, за смртта на сестрата и родителите, која открива и интересни детали од животот на важните луѓе во тоа време. Инаку, и братот на Мирјам, Стеван Јаковлевиќ, бил познат српски писател, автор на „Српската трилогија“, кој многу се разликувал карактерно и стилски од својата сестра, чија популарност повторно воскреснува, шеесетина години по нејзината смрт.
Објавени дела
Романи: „Ранетиот орел“, „Тоа беше една ноќ на Јадран“, „Непобедливото срце“, „Грабеж на маж“, „Гревот на нејзината мајка“, „Во словенечките гори“, „Самец во брак“, „Малечката сопруга“
Збирка раскази: „Дама во сино“, „Девојката со зелени очи“, „Чесен збор на мажите“, „Сите тие сакаат љубов“
Театарски претстави: „Таму далеку“, „Еманципирано семејство“
Мирјам на македонски јазик во „Детска радост“
„Идејата за издавање на романите на Мирјам на македонски јазик, ја добивме по прикажувањето на првата серија според нејзиниот роман ’Ранетиот орел’“, вели Ирина Ставрова, уредник во издавачкиот оддел на „Детска радост“. „Живееме во време кога речиси сите имаме кабелска телевизија, па серијата ’Ранетиот орел’ прво имавме можност да ја гледаме на РТС. Пред две години тој роман го издадовме на македонски, а во меѓувреме доживеа уште едно издание. По осум месеци го издадовме романот ’Гревот на нејзината мајка’, а неодамна и ’Непобедливото срце’, серијата која во моментов се прикажува и кај нас. Интересот навистина е голем, особено сега кога се прикажуваат сериите, ни останаа можеби уште стотина книги од целиот тираж. Тоа ни ја аргументира идејата да ги издадеме и другите романи на Милица Јаковлевиќ -Мирјам“, потенцира Ирина Ставрова.
Tweet |