Петар Печков
Објавено: сабота, 03 јуни 2017
Стихозбирката "Тело одречено од пливање" од Митко Апостолов е годинешен добитник на наградата ,,Антологија на болката,, која се доделува на Рациновите средби.
Од 12-те стигнати предлози, жирито во состав Ана Костовска, директор на издавачката куќа "Култура", Даница Ивановска Лепојевиќ, поет и минатогодишен лауреат во својство на член и Катерина Момева, писател како член на жирито, едногласно одлучиле наградата "Антологија на болката" за најдобра дебитантска и необјавена поетска збирка од современ македонски поет да ја додели на Апостолов.
Ова е љубовна поезија во која длабочините на танатосот се на моменти толку длабоки што височините на еросот се скоро недофатливи, дури заборавени. Ја губиме љубовта од вид заглибени во болка и мачнина за таа повторно, во некое малку подалечно време, да воскресне во целата своја убавина на се` космичкото значење на малите моменти и ситните радости кои не прават човечки битија- вели Даница Ивановска Лепојевиќ. во образложението на одлуката за наградата.
Наградата "Антологија на болката" се состои од плакета, објавување на стихозбирката од страна на "Култура" и нејзина промоција во рамките на 54-тите "Рацинови средби". Наградата на добитникот Апостолов ќе му биде врачена на свеченото отворање на манифестацијата на 9-ти јуни во Велес.
Митко Апостолов е роден на 1-ви август 1987 година во Тетово. Дипломира на Машински факултет - Скопје. Почнува да пишува поезија и кратка проза на blog.mk. Негови песни и кратки раскази се објавени во списанијата "Акт" и "Чивилук".
Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавен во антологијата на словенечки јазик "Фестивална антологија на изворна и преведенa европска поезија на 21-от век".
Застапен е во е-зборникот од 2015та година од глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“, како и во алманахот од интернационалниот фестивал „Литературни искри“ од Гостивар за 2016та година.
Има учествувано на повеќе поетски читања меѓу кои и Астални проекции. Живее и работи во Скопје.
Tweet |