Петар Печков
Објавено: петок, 01 декември 2017
Светскиот ден на борбата против сидата е 1-ви декември. Тој не е против заболените од ХИВ АИДС туку против предрасудите што кај повеќето жители на планетата Земја владеат за овие лица.
Токму затоа Светската Здравствена Организација СЗО овој ден го намени во борбата против предрасудите и со едукација за заштита, не од ризичните групи, туку од ризичното однесување на секој човек.
Планирана активност маршот со светилките, на младите од Црвениот крст од Велес, за подигнување на свеста кај младата популација, поради временските услови, дождот е одложен за среда.
Според податоците од Центарот за јавно здравје- Велес, каде секојдневно може да се изврши бесплатно тестирање, младите се најчести корисници на оваа проверка.
Доаѓаат млади за да се изврши проверка од ХИВ СИДА. Дел од нив се заради потребна документација за заминување во странство, престој или работа, но некои и за нивна лична потреба. Најчесто се лица на возраст до 40 години. Иако младите велат дека знаат се, има моменти на слабост, кога се под дејство на алкохол или дрога и се заразуваат. Тогаш е веќе доцна. За овие 12 месеци во градот имаме два нови случи на заразени со ХИВ СИДА. И тие што беа претходно носители сега се заболени – изјави за ТрМр примариус д-р Билјана Трајкова епидемиолог од Центарот за јавно здравје.
Таа потсети дека повеќе години наназад во градот немаше нови случаи на заразени или носетили на ХИВ СИДА, годинава се случиле два. Или во Велес има вкупно седум заразени од СИДА, ова е бројка од 2005-та од кога се води евиденција. За сите години има еден случај на починато лице. Двата случаи на нови заболени од СИДА се мажи. Заболените лица често се судруваат со социјални проблеми, дискриминација, осудени се од јавноста, етикетирани.
Информација од Институтот за јавно здравје на Македонија подготвена од примариус д-р Жарко Караџовски
Во Институтот за Јавно Здравје на Република Македонија (ИЈЗРМ), до 30. 11. 2017 година, пристигнати се и обработени 39 пријави за ново регистрирани случаи на ХИВ/СИДА.
Дистрибуција на лицата со ХИВ/СИДА во 2017 г. (заклучно со 1 декември 2017):
4 лица се заболени од СИДА
35 лица се ХИВ позитивни.
Во 2017 година не се регистрирани смртни исходи на лица заболени од СИДА.
Структура по пол на лицата со ХИВ/СИДА во 2017 г. (заклучно со 1 декември 2017):
Сите 39 лица се од машки пол
Место на живеење на лицата со ХИВ/СИДА во 2017 г. (заклучно со 1 декември 2017):
од Скопје 18 лица,
од Штип 4 лица,
од Прилеп 3 лица,
од Куманово 2 лица,
од Велес 2 лица,
од Битола 2 лица,
од Струмица 2 лица,
од Кавадарци 2 лица,
од Тетово 1 лице,
од Св. Николе 1 лице,
од Виница 1 лице и
од Валандово е 1 лице.
Возрасни групи на лицата со ХИВ/СИДА во 2017 година (заклучно со 1 декември 2017):
од 20 – 29 години се 19 лица,
од 30 – 39 години се 14 лица,
од 40 – 49 години се 5 лица и
од 50 – 59 години се 1 лице.
Начин на трансмисија на лицата со ХИВ/СИДА во 2017 година (заклучно со 1 декември 2017):
Хетеросексуален начин на пренос на ХИВ- 7
Маж Секс Маж – 31
Непознат начин на пренос на ХИВ – 1
Заклучно со 30 Ноември 2017 година, во Р. Македонија се умрени 83 лица од СИДА.
Tweet |