Петар Печков
Објавено: четврток, 23 јули 2026
Младите од Велес ќе ги лоцираат институциите кои се непристапни за лицата со попреченост. Во период од шест месеци ќе го реализираат проектот „Дигитален Зелен Пристап“.
Тој треба да понуди решение за долготрајниот проблем со непристапноста на јавните институции, поради физички бариера за лица со физичка попреченост, родители со детски колички, за лица кои користат помагала за движење и за лица со оштетен слух и вид.
За тоа со какви се проблеми се судруваат лицата со попреченост на промоцијата на проектот говореше Далиброка Златева, претседател на Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченост од Велес.
„Членките во здружението знаат да кажат, ако излеземе низ град на прошетка со количка никаде нема да стасаме, оти Велес е полн со бариери. Нив ги создаваме ние и им го отежнуваме животот на овие лица со попречености. Имаме семафори кои немаат звучен сигнал, во ниту една јавна здравствена установа нема знаковен толкувач за болните лица со попреченост, ниту некој ги разбира нив, ниту тие разбираат што се бара. Тие мора да носат член од семејството да им каже на докторите каква мака имаат. Во ниту една банка нема такво лице, а дел од лицата се вработени и имаат потреба од банкарски услуги. Нема информации со Брајова азбука по институциите. Јавниот превоз не е пристапен за лицата со попреченост, рабниците на тротоарите кај пешачките да бидат спуштени“ – кажа Златева.
Посочи неколку примери од јавни установи, институции кои не се достапни за лицата со попреченост. Фондовите за здравство и пензиско осигурување, превентивната предучилишна здравствена служба, Пошта, УЈП, Централен регистар, електронската и свечена сала на локалната власт, Агенцијата за вработување, Центарот за социјални работи.
Позитивен пример го посочи ЈКП Дервен кој наплатниот центар го симнал на приземје и пред него имало место за паркирање автомобил со лице со попреченост.
Проектот го реализира Digital Green Access, иницијатива за дигитална демократија предводена од млади луѓе, кој е финансиран од ЕЕЦА фонд на ЕУ за јужна Европа. Мотото на активноста е „пристапноста и достапноста на институциите не е привилегија туку основно човеково право“. Ќе ја реализираат средношколци од четирите училишта од Велес.
| Tweet |




