Петар Печков
Објавено: четврток, 05 мај 2011
Последните промени на возниот ред на Македонски железници предизвикаа проблеми за бројните велешани кои патуваа со возовите во правец од и кон Скопје. Посебно се погодени работниците и учениците, нив околу 550 кои се корисници на претплатната карта. Тие жестоко реагираат на новиот возен ред, кој за повеќето од нив не одговарал на потребите и работното време.
Со возниот ред од средината на декември Велес со Скопје беше поврзан со 14 воза, исто толку имаше и обратно, сега има три помалку, единаесет. Не е во ред по неколку месеци, за кратко време да се промени возниот ред, кој е на штета на патниците. Кога се решивме да патуваме со железница, ни одговараше поаѓањето како и бројот на композиции кое не поврзуваа со Скопје и со работното место. Сега сме ставени во лоша ситуација, која се одразува на работното место, проблеми со доцнење – велат велешани кои работат во Скопје.
Посочуваат дека има пекари, градежници, лица кои работат во агенции за обезбедување, кои со сегашниот возен ред се оштетени. Посебно во викендите, кога има помалку возови, бидејќи тогаш не сообраќаат уште две композиции. За патниците ова е чудно, бидејќи повеќето работат во приватни фирми, каде нема делник и празник, секој ден е работен. Но има и реакции и за обратната насока, од патниците од главниот град кои работат или студираат во Велес.
Овие редуцирања на возниот ред, последниот месец, придонесоа да мораме да патуваме многу порано, отколку што тоа досега го чиневме. Или пак да чекаме во Велес на станица за да стигне возот и не врати дома. Тоа не е во ред, да се менува возниот ред по неколку месеци од неговото стапување – велат скопјани кои работат во Велес.
Месечен возен билет со железница до Скопје и назад е 1560 денари и тој е непроменет со години. Поради ова железницата е најпопуларното средство на велешани, кога патуваат до Скопје, иако се возат во стари и дотраени вагони, со возови кои не доаѓаат на време и доцнат. Од ЈП Македонски железници транспорт објаснуваат дека не станува збор за укинување ан возови, туку прераспределба на постојните линии.
До ова дојде откако извршивме анализа на искористеноста на композициите и во согласност со техничките можности на возниот парк. Никој од патниците не е оштетен, има доволен број на возови за да можат навреме да стигнат до нивното одредиште - велат од ЈП МЖ.
Секојдневно од велешката железничка станица со воз патуваат во просек 400 патници, кои во викендите и празниците двојно се зголемуваат. Најголем дел до нив, половината се во правец кон Скопје, потоа кон Битола, па Гевгелија и Кочани. Ако во предвид се земат и 550-те месечни билети кои патуваат до Скопје и назад, од Железничката станица Велес велат дека со илјада патници дневно таа е најфреквентна станица во Македонија
Tweet |