Петар Печков
Објавено: четврток, 20 август 2026
Обвинителството за организиран крминал ја анализирал документацијата за активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита.
Според документацијата, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била во согласност со важечките правила на банката и дека испорачаната стока одговарала на техничките спецификации.
Од анализата на целокупната документација и извршените проверки, Обвинителството не утврди факти од кои би произлегло дека во постапките за набавка службено лице ја искористило или пречекорило службената положба или овластување, односно не ја извршило службената должност, со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета.
Предмет на анализа била и постапката за набавка на модуларни монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација.
Била анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење. Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација.
Согласно важечката законска рамка, утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот.
Монтажната ковди болница во Велес по затворањето не се користи пет години, ниту пак има најава дека ќе биде искористена. Напротив последната изјава од надлежните беше дека не планираат да има било каква намена.
| Tweet |




