Петар Печков
Објавено: сабота, 30 јануари 2016
Бункерот на Сталин
Бункерот на Јосиф Сталин, како што го нарекуваат, се наоѓа недалеку од метро станицата Измајловска. Изграден е во 30-тите и овде Сталин ја донел одлуката дека Москва мора да се брани по секоја цена и дека не смее да се напушти. Бункерот требало да биде резервен заповеден центар на Врховниот командант на Советскиот сојуз. Тунел долг 17 километри го поврзува бункерот со Кремљ.
Од 1996 година бункерот на Сталин е претворен во музеј и можат да го посетат сите кои сакаат. Во него се наоѓа работен кабинет, сала за состаноци, соби за одмор, простории за безбедност и трпезарија.
Бункер 42
Се наоѓа во близина на метро станицата Таганска, а е изграден за време на Студената војна. Ова засолниште се наоѓа на длабочина од 65 метри, на исто ниво како кружната линија на московското метро, и високо е како зграда од 17 спрата. Објектот е изграден како засолништво за командантите на далекуметната авијација и поседува инфраструктура и опрема за задоволување на основните животни потреби, така што можел да служи како заповеден центар во случај на нуклеарен напад на Москва.
Во Бункерот 42 во 2006 година е отворен интерактивен Музеј за Студената војна. Посетителите, носејќи заштитна облека, можат да прошетаат по тајните тунели, можат да ја пробаат советската униформа и да лансираат нуклеарни боеви глави со притискање на познатото „црвено копче“.
Негљинка, московската понорна река
Негљинка е лева притока на реката Москва. Извира на површина, во пределот на Маријина рошча, а потоа како понорница протекува под центарот на градот, па повторно извира кај Александровскиот парк и се влева во реката Москва низ широк камен отвор на брегот кој се гледа од Големиот камен мост. Скоро по целиот свој тек Негљинка протекува низ тесен камен тунел кој наликува на цевка. Меѓутоа, организираните прошетки за посета на оваа река понекогаш можат да бидат откажани поради дожд, бидејќи тогаш расте висината на водата во реката.
Сјановски каменоломи
Сјановските каменоломи се наоѓаат во Подмосквије. Од нив потекнува варовник кој во минатото бил користен за изградба на тврдини и храмови на „белокамената“ Москва. Отворени се во 17-ти век.
Во советскиот период каменот од овие каменоломи се користел за засилување на пистите за полетување, а во текот на Втората светска војна овде била сместена воена болница, а после војната сеизмолошка станица.
Влезовите во Сјановските каменоломи се затворени уште во 1974 година. Во тоа време системот на подземни ходници бил долг преку 90 километри. Група ентузијасти во 1988 година повторно откопала и отворила еден од влезовите во Сјановските каменолои, кој благодарение на локалните жители и постојаните посетители, бил реновиран во 2007 година.
преземено од рускиот портал Mosextreme.ru
Tweet |