Петар Печков
Објавено: четврток, 22 јули 2010
Мостот ,,Гемиџии,, во Велес е со сериозно нарушена статичка состојба а на него со голо око се видливи големи пукнатини, предупредуваат соседите кои живеат во негова близина. Објектот кој ги спојува левата и десната страна на градот, новиот и стариот дел на Велес, по товарот на времето попушта. Реакција на граѓаните доаѓа, откако локалните власти се прогласиле за ненадлежни а безбедноста на учесниците во сообраќајот била нарушена.
Овие метални држачи го потпираат мостот веќе трета година, доколку надлежните мислат дека само со тоа го решиле проблемот со напукнување на мостот, грешат. Ние како соседи можеме да регистрираме како на еден дел од него, на бетонски блок има голема пукнатина. Таа од месец на месец е поголема и поопасна. Од подземниот премин се руши таваницата, па на велешани кои го користат овој дел за минување врз глава им паѓаат парчиња од малтер од мостот – вели Ордан Тутунџиев, член на Советот на општина Велес кој живее во куќа веднаш до мостот.
Проблемот со мостот е стар три години, а пред година и пол извршен е увид во состојбата на „Гемиџии“, од страна на експерти кои констатираа дека одронувањето на градежниот материјал од мостот се должи на нагризувањето од атмосферската вода и солта што се користи во зимскиот период. За оваа цел стручњаците потенцираа дека е потребно подготовка на проектна задача за санирање на оштетувањата кои ги вознемирува велешани. Но и по толку време ништо не се превзема за санација, а времето само повеќе го оштетува мостот.
Тој е пуштен во сообраќај во далечната 1965 година а преку него прв, со специјално возило, е превезен бродот „Галеб“ за Охрид. Оттогаш соседите потсетува дека на него не се вршени поправки. Деформации има и кај делот каде што минува железничката пруга Скопје – Солун, кои се поради тежината и бројноста на композициите кои секојдневно проаѓаат, па мостот почнал да попушта. Надлежен за негово одржување е Фондот за магистрални и регионални патишта, а тие се запознаени со проблемите и уверуваат дека нема никакви сериозни оштетувања
Нема место за загриженост, извршен е увид на мостот и на него нема потреба од санација. Промени од нашата последна посета и проверка на мостот од лани нема. Ако е потребно повторно ќе излеземе на терен да видиме каква е сега состојбата – изјавија од Фондот за магистрални и регионални патишта кој управува со мостот Гемиџии. Наспроти нив, граѓаните велат дека мостот под бремето на годините, четириесет и пет, за кој не е извршени никаква поправка, полека попушта.
Tweet |