Петар Печков
Објавено: петок, 17 август 2018
Загрижена за состојба на мостот кај Башино село, на реката Вардар, на влезот во Велес од правец на Скопје, локалната власт на Велес побара да се испита конструкцијата, бидејќи истата е стара 47 години. Кога во 1971-та бил граден од ЈНА, мостот бил од времен карактер. Но при секое надоаѓање на реката, денес мостот е во опасност. Испитувањата ги предводи проф. д-р. Елена Думова Јовановска од Градежниот факултет во Скопје. Таа мостот го нарече ,,немодерен и застарен, со дотраен материјал,,.
Од првите испитувања, визуелни, се видоа одредени оштетувања на мостовска конструкција. Потоа одиме со мерења на материјалите, па на вибрации, преку сензитивна технологија. Тоа се амбиентални мерења, за да видиме како се однесува конструкцијата сама по себе и како со сообраќај. Мостот е граден по систем набивање на колови, за побрзо да се изгради. Испитувањата ќе покажат колку е флексибилноста на овие столбови (не)доволна за товарот кој го носи - изјави проф. д-р Елена Думова Јовановска, која работи за потребите на Заводот за исипување на материјали до Скопје.
Резултатите од мерењата и препораките за седум дена ќе ги достават до нарачателот, локалната власт на Велес.
Екипите кои работат на испитувањата, пребројале дека во еден час, дење, во работно време преку мостот минуваат 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили што стручните лица оценуваат дека е преголема бројка за локален пат. Според професорката мостот е граден со мали растојанија од столб до столб, низок е и при секое надоаѓање на реката Вардар тој е во опасност да се оштети, сруши или преврте.
Мостот од пред 10-тина години е на локален пат, иако тој претходно беше регионален. Ги спојува населените места во општините Велес и Чашка. Целиот товарен сообраќај од и кон Чашка, Богомила и Извор се одвива преку него. Или целата дрвна маса која ЈП Македонски шуми ја сечат од планинскиот масив на Јакупица, каменот кој се обработува од каменоломите во регионот на Азот, преработките од варницата во Превалец, се тоа минува преку овој мост.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, по чие барање се врши испитувањето најави дека по добивањето на резултатите треба да порача проект за трајна санација, кој би бил од времен карактер, се до изградба на нов мост. За тоа ќе биде потребно патот да биде повторно регионален, заради санацијата на постојниот и изградба на новиот мост, тоа да се работи со средства од државниот Буџет, оти Општина Велес нема толку пари за ваква голема инвестиција. Градоначалникот стравува што ќе се случи ако стручните лица препорачаат дека мостот на Вардар кај Башино село треба да се затвори од безбедносни причини.
Можеме да претпоставуваме што ќе се случи со централното градско подрачје во Велес оти тогаш низ него целиот овој товарен сообраќај ќе мине низ центарот на градот. Градот ќе биде парализиран од товарни возила а загадувањето на воздухот ќе биде енормно - рече Коцевски.
Демантира дека причината за испитувањето на состојбата е паѓањето на вијадуктот во Џенова. Посочи дека постапка за избор на изведувач на мерењата е почната далеку пред да се случи настанот во Италија.
Tweet |