Петар Печков
Објавено: среда, 12 септември 2012
Основниот суд во Велес ја одби тужбата на ЈП Македонски железници – инфраструктура за сечењето и демонтажата на големиот Железен мост на реката Црна кај Градско, за што сторителите немале ниту согласност ниту дозвола за такво дејство. Во средината на април 2006-тата месната заедница Бокула – Кавадарци од тогашниот Фонд за магистрални патишта, сега Агенција за државни патишта – Скопје добила согласност за сечење на железничкиот челичен мост на реката Црна, помеѓу железничките станици Градско и Кукуречани, кое го извршила фирмата ,,Гемекс,, од Кавадарци. При ова железница смета дека бесправно се отуѓени 240 тони челик бидејќи сопственик на мостот била железницата, не Фондот за патишта.
Ние како железница веднаш реагиравме да се престане со сечењето бидејќи од нас немаат никакво одобрение за мостот но МЗ Бокула продолжи со сечење,оправдувајќи се со документот дека добила дозвола од Фондот. Тогаш се обративме и до нив, кои увидувајќи ја нивната грешка писмено се извинија. И покрај нашите превземени мерки за запирање на сечењето, тоа се случи и тој беше противправно отуѓен, при што ни е причинета материјална штета според вредноста на мостот како вграден челик тежок 240 тони, во вредност од 61,16 денари по 1 кгр. или вкупно 14.,7 милиони денари. Тогашниот Фонд, сега Агенцијата за државни патишта без одобрение од Владата на РМ донела одлука за отуѓување на имот кој со Законот за железници е доверен нам на управување и заштита, со што тие му овозможија на кавадаречката фирма да го исече железничкиот мост на реката Црна - велат од ЈП МЖ инфраструктура.
За Судот било спорна сопственоста, дали МЖ или сега Агенцијата за патишта се сопственици на мостот, па предложил Државното правобранителство да се извести за оваа парница и истото да се вклучи во овој спор. Челичниот мост не се користел ниту за железнички ниту за било каков сообраќај.
Согласноста за демонтирање која е дадена од Фондот за патишта на МЗ Б се однесува на патен мост на регионалниот правец Велес – Градско. Даденото одобрение е за сосема друг мост, не за овој за кој тужи железница. Елементите кои беа извадени, МЗ Бокула требаше да ги користи исклучиво за вградување во нов мост, кој тие го градеа – велат од Агенцијата за патишта.
Претходно била поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Велес која утврдила дека Гемекс, нејзиниот управител и сопственик, немаат извршено сечење и однесување на спорниот мост па истата ја отфрлила.
Вештото лице ангажирано за утврдување на сопственоста на Железниот мост не можело да ја утврди сопственоста и промените на сопственоста на спорниот мост според службената евиденција, бидејќи катастарот не располагал со евиденција на сопственост на мостовите и не можело да се обезбеди негова историја. На писмено барање до Министерството за транспорт и врски за известување кој е последен евидентиран корисник на спорниот мост во периодот непосредно пред месец април 2006 година, тие информирале дека немаат податоци за предметната локација.
Мостот служел и како воена резерва, а воедно бил и историски споменик и пред него имало спомен плоча. Државното Правобранителство писмено информирало дека нема правен интерес да се вклучи во оваа парница, бидејќи во согласност со законската надлежност за заштита на железничката инфраструктура МЖ има правен субјективитет да биде учесник во судска постапка. По овие податоци Основниот суд Велес ја отфрлил тужбата на Железница за нелегалното сечење на мостот.
Tweet |