Петар Печков
Објавено: сабота, 04 март 2023
Со мултимедијалната патувачка изложба поставена во Ликовниот салон во Велес, завршува проектот „CAN for Balkans” финансиран од ЕУ. Стрип уметноста ги поврза цртачите од пет држави, Белгија, Романија, Србија, Албанија и Македонија, кои во Велес ја имаа завршната презентација на нивите трудови.
Мултимедијалната патувачка изложба тргна од Брашов Романија, ги посети Брисел и Тирана, за завршниот настан да биде во Велес. Гран при наградата за најдобар стрип ја освои романскиот автор Разван Бронеску.
„Одѕивот за конкурсот беше голем, за жал сиромашен од македонски автори. Тоа беа млади автори. За жал малкумина кај нас, работат на ликови со историски карактери“ - кажа Ване Трајков претседател на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.
Изложбата е резултат од повеќегодишните истражувања за историскиот стрип на Балканот. На неа изложени се најрепрезентативните историски стрипови на романски, српски, албански и македонски автори. Посетителите можат да ја посетат оваа изложба, која е сосема поразлична од сите досегашни, оригинална и уникатна, до 27 Март.
Настанот е во организација на Стрип центар на Македонија, со седиште во Велес, како партнер во проектот CAN for Balkans.
Во рамките на повеќето стрип содржини од „CAN for Balkans“ одржани во Велес, италијанскиот амбасадор во Скопје Андреа Силвестри, ја промовираше неговата книга „Стрипот и моќта. Хероите како геополитичка алатка“.
„Во минатото, по студената војна, но и денес можеме да сретнеме стрип херои. Има јунаци со моќ, позади обичниот изглед, кои имаат влијание. Овој проект „CAN for Balkans“ е добар за да ги разоткрие стереотипите“ - кажа Силвестри.
Италијанскиот стрип, кој има долга историја повеќе од еден век, има четврта продукција по тираж на стрипови во светот.
Tweet |