Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 февруари 2021
Софтверската компанија Мусала Софт ја гради следната генерација на ИТ решенија преку креативност и иновација со цел да испорача квалитет и вредност на нивните клиенти.
Во 2020 година Мусала Софт ја започнува иницијативата „Work from anywhere“ и ангажира вработени кои можат да работат надвор од локациите на канцеларијата во Скопје.
Зоран Николов од Велес е Professional Services Manager во Мусала Софт кој ни зборува преку искуството на оваа иницијатива и работењето од дома.
Здраво Зоран. Ти си од Велес, сподели ни нешто за убавините на твојот град?
Мојот Велес е историски град на општествени промени, тука се родиле револуционери, борци, поети. Велес е град со архитектура од збиен тип. Кога ќе го видиш оддалеку, имаш впечаток дека прво куќите се направиле, па потоа никнале ридовите. Пораснав во Велес низ безброј маалски игри како камај, зуски, фудбал, баскет, флипери, крижи-мижи, долга магарица и тн. Тренирав кошарка од мои 14 години каде стекнав нови пријателства и научив што значи спортска дисциплина. Летата ги миневме со другарите на градскиот базен. А езерото Младост отсекогаш ми е омиленото место за уживање и рекреација. Според последниот попис Велес има 50.000 жители, според бројот на возила има 500.000 жители, а според бројот на посетители во диско околу 1.500 жители
Раскажи ни нешто повеќе за тебе, за твојот кариерен развој низ годините.
Основно училиште и гимназија завршив во Велес. Обете училишни згради ми беа преку улица. Завршив Електротехнички факултет, отсек Компјутерска техника, информатика и автоматика. Моето работно искуство ми започна уште пред да завршам со студиите. Почнав во 2005 година со мултимедијален проект за учење компјутерски вештини каде изградив тим со мои добри другари Велешани. Имам искуство како IT Business Analyst во администрација и интеграција на индустриски системи за следење на производство, консултант во имплементација на ERP системи и Business Analyst во системи за спортско онлајн обложување. Накратко, имам богато искуство во меѓународни компании со широк спектар на активности и соработка со дистрибуирани тимови со географска положба на речиси секој континент на планетата.
Во Мусала Софт сум од 2017 година. Започнав како Project Coordinator за развој на интерфејси за системи за спортско онлајн обложување каде бев врската помеѓу клиентот и колегите од развој и тестирање. Понатаму работев како Project Coordinator & Senior Business Analyst на интерен систем за поддршка на процесот на регрутација на кандидати за работа. По завршувањето на мојот дел во поставувањето и деталната анализа на основите на системот, преминав на голем проект на кој сум веќе 2,5 години. Работам како Service Manager во одржувањето на систем за менаџмент на влезни/излезни декларации во царинската управа на една европска земја. Соработувам со искусни професионалци од 6 различни земји.
Како ти поминува еден работен ден во оваа не(нормална) година? Која е твојата рутина?
Шокот од принудното работење од дома го совладав многу брзо и лесно. Си најдов фокус точки кои ми овозможија да го сочувам менталното и физичкото здравје. Од пандемијата извлеков прилика да ги променам животните навики и да почнам со нов начин на живот: Работата секако ми беше на далечина, така што си продолжи со несмален интензитет. Мусала Софт се погрижи да имаме непречна комуникација и комфорот од канцеларија да се пренесе дома. Времето потребно за патување до работа и назад го пренаменив за интензивни спортски активности во домашни услови. Спортувам и сакам да се грижам за себе. Преземав иницијатива #StayFit за онлајн спортување со колегите преку Zoom. Ја имав и таа среќа да добијам лента за трчање преку програмата #ReferToWin во рамките на Мусала Софт. Имам повеќе време да посветам на семејството и домот. Учам германски јазик организиран од Мусала Софт веќе А2 ниво (да е жив и здрав Skype), свирам повремено гитара, читам повремено книги, гледам филмови/серии и секојдневно се трудам да учам нови вештини и да разработувам нови идеи.
Доколку е предизвик, кои се предностите на работењето од дома?
Можеш да работиш од каде било. Од планина, од викендица, од дневна или спална соба; можеш да си го земеш компјутерот и да се спружиш на кревет, можеш да излезеш на тераса, можеш да поминуваш повеќе време со фамилијата и да работиш од родниот град. Ми недостасува само дружбата со моите драги колеги и колешки, пинг-понгот во собата за релаксирање и дружење во канцеларија (Шарената соба), Beer Friday дружбите на крајот на работната недела, роденденските прослави и ред други ситни заеднички задоволства.
Кој ти е омилен дел од работата?
Чувството на добро завршена работа. Допамински ефект. Комуникацијата со соработниците и клиентите. Во секој нов разговор се крие нешто дотогаш неоткриено, а важно. Откинување на некоја деловна шега среде важен состанок. Чувството на доверба и поддршка од деловните контакти. Со позитивниот пристап на работа, нема проблем што не може да се реши.
Што мислиш за можностите за развој во ИТ индустријата во Македонија?
Сметам дека Македонија може да биде оаза на информатичката технологија во светски рамки. Потребно е само силна амбиција кај младите, да гризаат, да се потковаат со квалитетно високо образование и дополнителна едукација како курсеви, семинари, онлајн обуки, групи за размена на знаење и идеи, да се стекнат со нови вештини и сл. Дури и преквалификација е добар потег, познавам многу позитивни примери каде мои пријатели се преобразиле во квалитетни програмери доаѓајќи од сосема несродни области на работа. Во Мусала Софт сме 500+ колеги од 10 различни националности; имам многу cool колеги со знаења во разни професионални и технолошки области на експертиза, со различни хобија. Сега кога Мусала Софт покрај своите физички канцеларии „отвори“ канцеларија „насекаде“, секој може да работи за компанијата од Велес и околината од каде и да било.
Tweet |