Петар Печков
Објавено: вторник, 14 мај 2024
Обвиентиот Дретон Мустафов (43год) од Бузалково со промена на неговиот бранител се обиде да го одолговлечи судскиот процес, кој требаше да започне во Основен суд Велес. Пред почетокот на главната расправа, неговиот бранител Душко Петров, ја информираше судијката Валентина Ѓорѓиевска, дека од страна на обвинетиот е отповикано полномоштвото за застапување.
По ова, Ѓорѓиевска, му посочи на Мустафов дека законски мора да има бранител, оти му е запретена казна затвор до 10 години, се наоѓа в притвор, и побара од в.д.претседателката на Основен суд Велес, Билјана Јачева да постави бранител по службена должност.
Тоа беше адвокатката Драгана Николова. Таа побара одреден период да се запознае со предметот и подготви за застапување на обвиениот Мустафов, бидејќи тогаш за прв пат го доби случајот.
Дретон Мустафов е обвинет за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ кое го стори на 18 јануари годинава, кога ги полеал со запалива течност апаратите од казино во зградата кај црквата Св. Јован крстител на ул. Благој Ѓорев, близу местото викано Багремче, откако претходно ги прокоцкал парите.
Тој со пожарот предизвикал значајна материјална штета и предизвикал страв по животот кај станарите од зградата над објектот, кој вечерта морале да преноќат кај пријатели или роднини, поради страв од можни компликации, иако пожарникарите огнот го локализирале во 19,45 ч а бил регистриран во 17,45.
Tweet |