Петар Печков
Објавено: петок, 07 август 2020
Големата летна крводарителска акција годинава во Велес ќе се одржи на 13-ти и 14-ти август, четврток и петок, следната седмица. Таа ќе се изведе со почеток од 7,30 до 14,30 часот, во просториите на Ликовниот салон.
На крводарителската акција ќе се применуваат сите стандарди и процедури согласно состојбата во која се наоѓаме.
Ги повикуваме сите крводарители кои сакаат да учествуваат на истата да дојдат и да дадат голем придонес за здравјето на населението. Крводарителството не е поврзано со Ковид-19 и е сосема безбедно. Биди хуман, дарувај крв, спаси нечиј живот - порачаа од Општинската организација на Црвен крст Велес.
Годинашната акција е 27-ма по ред. За првите седум месеци од годинава велешките крводарители, заедно со тие од Општините Градско и Чашка дарувале 1.794 крвни единици а планот за цела 2020-та година беше 1.861. Веќе утре, сабота ќе се одржи акција во Градско а на 21-ви август во Чашка.
Крводарител може да биде секоја здрава личност од 18-65 години. Жените можат да даруваат крв на секои 4 месеци, додека мажите на секои tтри.
Tweet |