Петар Печков
Објавено: сабота, 06 октомври 2018
На Земјата, според податоците од почетокот на 2018, живеат 7,6 милијарди луѓе, додека истовремено се произведува храна со која би можеле да се прехранат околу 20 милијарди. Покрај тоа, податоците од Обединетите нации од минатата година покажуваат дека во светот во 2017 имало 821 милион луѓе што умирале од глад или неухранетост.
Со други зборови, секој деветти жител на нашата планета не може секој ден да има храна на масата. ОН, односно петте организации што работеле на извештајот, а меѓу кои се и Светската здравствена организација и Организацијата за храна и земјоделство при ОН, наведуваат дека бројките се загрижувачки бидејќи една година порано бројот на неухранетите и гладните во светот бил помал за 17 милиони.
Алармантно е и тоа што во извештајот на ОН, кој се занимава со состојбата на прехранбената сигурност и прехраната во светот, се наведува дека бројот на гладните и неухранетите, особено деца, е во пораст веќе трета година по ред. Излегува дека светот ни малку не се променил на подобро од март 1993 година, кога е направена една од најпрепознатливите фотографии на светот.
Во извештајот се додава и дека на светот има 151 милион неухранети деца, истовремено има 50 милиони деца што имаат проблеми со дебелината. Во однос на возрасните, со дебелината се борат 672 милиони луѓе, односно секој осми жител на нашата планета.
Најмногу гладни и неухранети живеат во Азија - вкупно 515 милиони. Потоа следува Африка, каде што има 256,5 милиони гладни или неухранети, потоа Јужна Америка и Карибите, каде што проблем со недостиг на храна имаат околу 39 милиони луѓе.
Како причина за порастот на бројот на гладни во светот ОН ги наведуваат климатските промени, при што се мисли на сè поекстремните временски услови кои резултираат со големи поплави и суши. Тука се и економските кризи и вооружените конфликти. Од ОН наведуваат дека во текот на 2017 година околу сто милиони луѓе живееле од хуманитарна помош.
Кога ќе се земат предвид сите наведени алармантни податоци, не е чудно што од ОН си зададоа цел до 2030 година да се искорени гладот во светот.
Tweet |