Петар Печков
Објавено: четврток, 24 март 2016
Недела вечер велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, премиерно ќе ја изведе претставата ,,Старицата од Калкута,, работена по текст на израелскиот автор Ханук Левин а во режија на Софија Ристевска Петрушева. Ова е прва премиера од четирите од годинашнава програма на театарот и е во рамките на одбележувањето на 27 март, Светскиот ден на театарот.
Претставата е работена по раскази на Левин еден од најпознатите, најизведувани автори од Израел, тој е сатиричар, поет, театарски и филмски режисер. Неговите текстови наидуваат на критики во тамошната средина оти прави осврт на процесите на глобализација, досега не е изведуван во Македонија. Според режисеркатаа, претставата е еден вид на кабаре.
Претставата е создадена од неколку раскази на авторот Левин, кои во себе ја носат болката и измореноста на современиот човек. Тој се бори со предизвиците на општеството во кое живееме, во време на либерален капитализам, кога парите се пред се, а човечкото е ставено во заден план и човекот е изморен. Социјалниот контакт, емоционалната способност, личниот живот, сите овие моменти кои го прават човекот човек, се изгубени . Претставата е боксерски ринг, каде човекот боксува наспроти капитализмот а кој победува ќе види публиката на крајот - најави режисерката Ристевска Петрушева.
Ова е нејзина втора соработка со велешки театар, првата беше со претставата ,,Жени,,пред неколку години. Сега режисерката е дел од ансамблот на велешки театар. Таа дополни дека во претставата актерите немаат пол ниту возраст.
Во ,,Старицата од Калкута,, играат Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски, Славица Манаскова, Жарко Спасовски, Талија Настова. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимографија Андреј Ѓорѓиевски, кореографија и сценски движења Кире Миладиноски, музички соработник Сашко Костов, автор на видео Данчо Стефков
Создадовме театарска претстава која е апсолутна гротеска, која се занимава со апсурдот, со ситуациите на луѓето кои се апсурдни, кои се секојдневни и гледачот ќе се препознае . Нишка која ги поврзува раскзите е осаменоста на современиот човек во денешнината, можноста да не остварува комуникација со себе и другите. Од една страна тоа е мошне комично од друга сатирично, и ги прави ликовите паментни и атрактивни. Во претставата има многу танц, сонгови, претстава на повеќе нивоа, со повеќе изразни средстава - изјави актерот Васил Зафирчев.
По премиерата в недела, од вторник претставата е на редовниот репертоар.
Tweet |