Петар Печков
Објавено: сабота, 15 септември 2018
Покрај брегот на реката Вардар, близу Железен мост делови од намештај и покуќнина, кревети, фотелји, душеци, столици. Ова беше пронајдено на една од локациите во денешната акција за чистење на градот, трета по ред годинава. Масовната акција за чистење на Велес во рамките на Светскиот ден на чистење според организаторот Општина Велес опфати повеќе од две илјади велешани од кои 150 лица се вработени од Јавните претпријатија и локалната власт, дел од граѓанските здруженија, остатокот ученици и просветен кадар .
Задоволен сум од одѕивот за учество во акцијата, иако недостигаа учесници од граѓански здруженија со еко предзнак. Недостигаа и граѓаните кои само гледаа од терасите. Затоа треба да дадеме акцент на подигање на свеста. Но резултатите се поразителни гледаме колку смет од домаќинствата има фрлено заедно со градежен шут. Колку и да чисти ЈКП Дервен, ако ние граѓаните не постапуваме совесно, уште долго ќе имаме ваква слика - изјави градоначалникот Коцевски.
Најави дека ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период. Во однос на реакциите на дел од јавноста, дека не се согласуваат да чистат, затоа што со пари од обврзниците ЈКП Дервен е надлежен тоа да го работи Коцевски рече:
Граѓаните се делумно во право. ЈКП Дервен е надлежен да ја одржува хигиената во градот, но дел од граѓаните фрлаат насекаде отпад. Граѓаните треба да сфатат отпадот да го фрлаат на определените места а не` од терасите и каде ќе стигнат.
Според информациите од Билјана Шуркова Манаскова, советник инспектор за животна средина, само за 3 часа денес бил собрани 93м3 отпад кој со помош на ЈКП „Дервен“ е транспортиран на соодветна депонија.
Акцијата покажа дека покрај комуналниот отпад, граѓаните на јавните површини фрлале и габаритен отпад и градежен шут. Се чистеше отпадот на две централни локации: игралиштето во Дворови, кај економското училиште „Јовче Тесличков“ и Домoт на НВО како и на локацијата од улица „11 Октомври“, кај малото пазарче до улицата „Индустриска“ кај БРАКО.
Основните и средните училишта го чистеа сметот во околината на училиштата. Со исклучок на вредните жители на улицата „Ѓорче Петров“ кои активно учествуваа во чистењето, велешани потфрлија и овојпат покажувајќи дека се грижат за Велес само со набљудување од балконите.
Од граѓанските организации Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ и Општинската организација на Црвениот крст покажаа граѓански активизам. Механизацијата и техничката поддршка ја обезбеди ЈКП „Дервен“ чии екипи работеа на сите локации.
Tweet |