Петар Печков
Објавено: петок, 04 октомври 2019
На игралиштето кај Автобуската ќе му се врати осветлувањето, најавуваат од локалната власт. Откако младите од левата страна на градот реагираа, дека просторот во вечерните часови го користат играјќи со светлата од мобилните, бидејќи нема осветлување, од Општина Велес ветуваат дека игралиштето ќе биде осветлено.
Општина Велес планира да го осветли тој простор на начин којшто ќе претставува задоволително решение за сите граѓани кои сакаат да го користат во вечерните часови . Истото се планира да се реализира во најкраток можен рок , откако ќе се извршат сите претходни подготовки - пишува во писмената информација, по поставеното прашање кога просторот ќе биде осветлен.
Од локалната власт потсетуваат дека тој бил осветлен, но кога се градел блискиот паркинг, била пресечена инсталацијата а по некое време и отстранети и двата рефлектори. За тоа сведочеле и двата постаменти од осветлувањето кои и денес ги има кај игралиштето.
Осветлување побра и други граѓани, за други простори. Реакција имаше и за игралиштето и лулашките кај плочата близу полицијата. За него жителите близу општинската зграда, побараа да биде осветлено. Засега таму локалната власт не планира поставување осветлување, за негово користење во вечерните часови.
Што се однесува до плочата кај Општина, моментално не се планира да се осветли , од причина што евентуалното користење на тој простор во доцните вечерни часови ќе го наруши мирот на станарите во блиската станбена зграда - информираат од Општина Велес.
Tweet |