речник контакт

На локалитетот Гурбита богати наоди од 1. век од нашата ера

На просторот на населбата биле откриени два станбени објекти со неколку фази на реконструирање од 1. до 3. век од новата ера

Петар Печков

Во античката населба Гурбита во близина на село Згрополци археолозите од Народниот музеј од Велес во изминатиот период најдоа богати движни наоди од 1. до 3. век од нашата ера. Археолошките истражувања кои се вршеа со поддршка на Министерството за култура на РМ за годинава се завршени, а во наредниот период ќе се работи на конзервација на наодите, кои понатаму ќе бидат презентирани и пред јавноста.

Според археологот Анита Василкова Мидоска, раководител на истражувањето, во текот на истражувањето се работело на два сектори: на просторот на населбата и на просторот на некрополата.

На просторот на населбата биле откриени два станбени објекти со неколку фази на реконструирање од 1. до 3. век од новата ера.

а просторот на некрополата, пак, е истражуван делот кој бил нападнат од таканаречените диви копачи, кои на овој локалитет вршеле илегални дејствија. Археолозите од велешкиот музеј во текот на овие истражувања на некрополата откриле неколку гробови, кои, според наодите во нив и гробните прилози, припаѓаат на 2. и 3. век од новата ера.

И во двата дела од населбата Гурбита, истакнува Василкова - Мидоска, бил пронајден богат движен наод, односно керамички садови и предмети од метал. Според неа, животот во оваа богата населба Гурбита во 3. век од нашата ера почнал да замира.

Археологот Василкова - Мидовска очекува финансиска поддршка од Министерството за култура и за понатамошно истражување на оваа населба со цел да се добие поцелосна слика за сакралниот и секојдневен начин на живеење на жителите од оваа античка населба.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »