Петар Печков
Објавено: петок, 12 август 2022
На археолошкиот локалитет „Стоби“ во тек се истражувања на неколку објекти, дел од годишната програма за работа. Во тек се конзервација на архитектонските остатоци од резиденцијален и комерцијален кварт од рано византиски период, доистражувања на Римскиот театар, археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживопис од Старата епископска базилика и конзервација и реставрација на Јужен градски бедем и Јужна Порта. Тие треба да дадат повеќе информации за градбите каде се работи.
„При работите на Јужен градски бедем и Јужна градска порта има возбудливи откритија и наоди, кои укажуваат на точна временска рамка, кога протата била затворена и ставена надвор од функција. Покрај работата на ѕиданите делови на Римскиот театар, продолжија и работите на конзервацијата на мермерните елементи од украсената архитектонска позадина на театарската сцена, со пополнување на пукнатините на блоковите и спречување на нивното понатамошно уништување “ - кажа Спасе Перовски, директор на НУ Стоби. Сите проекти кои се реализираат, се со средства обезбедени од годишната програма на Министерството за култура.
Од музејската активност се работи на конзервација и реставрација на керамички садови, мозаици, стаклени предмети, метални предмети. Се работи и на илуминацијата на археолошкиот локалитет, што ќе овозможи ноќни посети на туристите, кои ова лето се вратија на локалитетот, по две години пауза поради ковид пандемијата. Тука се реализираат и меѓународни проекти, со цел Стоби да биде целосно истражен.
„Работиме на проект каде учествуваат институции од седум држави. Поента е да создадеме нови искуства, кои ќе ја привлечат младата публика назад, на овој локалитет“ рече Димитар Николовски, вработен во НУ Стоби.
Летово на локалитетот „Стоби“ завршија и две меѓународни школи, кои ги посетуваа студенти од странство. Во јуни беше 10-тата меѓународната работилница за керамика, стакло и конзервација на мозаик, а во јули 11-тата меѓународна школа за археологија. И двете се организирани заедно со Националната установа „Стоби“ и Фондацијата Балканско наследство од Софија.
Tweet |