Петар Печков
Објавено: среда, 10 јули 2019
Археолозите на локалитетот Стоби минатата седмица открија мермерна скулптура со претстава на богот Дионис. Ова се случило за време на истражувањата во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.
Скулптурата која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е. е сочувана во височина од околу 50 сантиметри. Златко Кованцалиев виш кустос за римски период при Националната установа Стоби објаснува дека скулптурата е откриена во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6. век, каде била употребена како градежен материјал.
Со оглед на тоа што во 6. век,кога христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал. Токму поради тоа недостасуваат главата, десната рака и постаментот со стапалата - вели Кованцалиев.
Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишарка) ,пехарот со вино.
Ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во локалитетот Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи- додава Кованцалиев.
Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа Стоби со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона,во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадор, Австралија.
Tweet |