Петар Печков
Објавено: среда, 16 декември 2020
Вчера, вторник, попладне околу 15 часот, на наплатна рампа Сопот, на автопатот делница Скопје - Велес, МВР уапсила три лица кои превезувале стотина килограми марихуана. Во акцијата учествувале повеќе одделенија на полицијата. При бегството на уапсените биле оштетени полициско возило и метален столб за осветлување.
На наплатната станица Сопот на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници биле преземени мерки и активности да се запре возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ј.Б., а како сопатник бил неговиот брат С.Б. од село Горно Блаце, но возачот не застанал и се обидел да избега, при што оштетил полициско возило и срушил метален столб на ЈП за државни патишта. По дополнително преземени мерки, возилото е запрено и при тоа се лишени од слобода двете лица, а при извршениот преглед во возилото и во багажниот се пронајдени вреќи во кои имало околу 100 килограми марихуана. Исто така, приведен е и М.И. од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата како т.н. „чистач“. При претрес во домот на Ј.Б. е пронајдена една полуавтоматска пушка, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело - соопштија од МВР.
Од МВР велат дека истрагата продолжува и се проширува и во координација со Основно Јавно обвинителството -Велес преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на вмешаност на други лица во вршење на кривичното дело.
Трите уапсени лица МВР ги доведува во врска со неодамна уапсените двајца кумановци, чиј камион падна на 9-ти ноември, во провалијата кај Ветерско, на автопатот Скопје - Велес, при што беше пронајдена марихуана во количина од 34кг.
Tweet |