Петар Печков
Објавено: недела, 14 јуни 2020
На полигонот Криволак инженерискиот баталјон на Армијата ја реконструира патната инфраструктура и пробива нови патишта. Командантот на инженерискиот баталјон потполковник Томе Пеев рече дека инженерискиот баталјон веќе 30 дена работи на изработување на нова и реконструкција на постојната инфраструктура на АП Криволак со цел да се обезбеди систем обиколница и внатрешно поврзување со вкупна должина од 75 км.
Припадниците на инженерските единици со новата механизација бргу ги реализираат задачите. Колку модернизацијата ги зголемува капацитетите на армискиот полигон Криволак ќе може да се види следната година кога во нашата земја ќе се реализира еден дел од најголемата вежба во Европа „Дефендер “ со учество на сојузнички армии.
Воениот полигон Криволак е одличен ресурс за нашата Армија, меѓутоа воениот полигон Криволак ќе стане одличен ресурс и за НАТО Алијансата. Со инвестициите што веќе ги правиме, со модернизацијата која што ја планираме и со свои сили и со поддршка на американската Армија убедена сум дека армискиот полигон Криволак ќе биде најдобриот полигон за вежби на НАТО на европскиот континент - изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска .
Со оваа инфраструктура ќе се зголеми мобилноста во рамки на полигонот, меѓутоа и ќе го зголеми капацитетот за изведување на вежби.
Јас очекувам дека ова ќе биде ресурс за нашата Армија, ќе биде ресурс за НАТО, но ќе биде ресурс и за локален развој бидејќи со можноста за изведување на големи вежби овде ќе имаме и поголема потрошувачка и поголем интерес од страна на повеќе НАТО армии- дополни Шеќеринска.
Tweet |