Петар Печков
Објавено: петок, 03 јули 2020
На влезот во Велес, од правец на Штип, на потпорниот ѕид ќе се цртаат мурали. Откако на ѕидот под Градскиот саат беше нацртан мурал со Крале Марко, на социјалните мрежи се актуализираше дека такво нешто е потребно и на приодот по Штипско џаде.
Од локалната власт најавија дека деновиве таму ќе започне да се црта нов мурал. Нив ќе ги работи граѓанското здружение под интересен наслов ,,Факултет за работи кои не се учат“ со седиште во Битола и Скопје. Името на авторот на делото е Давор Кешќец, од Скопје.
Здружението конкурирало на проект на ЕУ, добило средства и еден до градовите каде сакаат да цртаат мурали е и Велес. Дојдоа со барање да им дадеме мал простор на кружниот тек на влезот во Велес. Објаснив дека треба да се црта по целата должина на потпорниот ѕид или друга локација под Градскиот саат. Откако направија рекомпонирање на нивниот Буџет, одлучија да го цртаат целиот ѕид, за што ум им благодарен. Советот со одлука ме овласти да именувам комисија од познати ликовни уметници од градот, два пати заседававме. Го видовме идејното решение , првиот предлог го модифициравме и потоа се согласивме со идејното решение. Тоа е модернистичко решение, преку кое порачаме дека Велес го развиваме како паметен град, како чист и зелен град со одржлива мобилност. Верувам дека решението ќе им се допадне ан граѓаните. За без пари, без наше учество, градот ќе добие убаво естетско решение - рече градоначалникот Аце Коцески.
Вкупната должина на муралот е 85м. височина 2,5 м и еден метар долу е празен простор согласно сообраќајните правила и прописи. Работите според најавите започнуваат од недела и треба да завршат до крајот на следната седмица.
Tweet |