Петар Печков
Објавено: вторник, 29 март 2022
Вкупниот број на претставки, по кои Народниот правобранител постапувал лани, изнесува 3.075, истакна народниот правобранител Насер Зибери на презентацијата на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година. Најголемиот број од претставките со години наназад, се однесуваат на областа правосудство
Најголемиот број од претставките со години наназад, се однесуваат на областа правосудство, од кои скоро една третина за работата на извршителите.
„Сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации во кои каматата која ја плаќа должникот понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има луѓе кои со години не можат да си го отплата долгот. Оттука не ја исклучувам можноста институцијата да иницира законски измени во овој правец“ потенцираше Зибери.
Не сите деца, имаа можност да следат настава од дома
Народниот правобранител истакна дека пандемијата посебно ги погодила лицата под социјален ризик што се рефлектираше во предметите од областа социјална сигурност и заштита, во делот на остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице.
Значително бил зголемен и бројот на примени претставки во областа детски правa и тоа во сите сегменти, посебно во делот на остварување на правото на образование, по воведувањето на новата концепција за основно образование која предвидуваше замена на хартиените со дигитални учебници.
Состојбата во затворите и понатаму катастрофална
Состојбата во казнено-поправните установи, народниот правобранител ја оцени како катастрофална, како и во изминатите години.
„Казнено-поправните установи повторно се соочуваат со состојба на прекубројност (на пример во Казнено-поправната установа „Идризово“ капацитетот е 900 лица, а во моментот на посетата таму се затекнати 1.102, потоа во казнено-поправниот дом Штип капацитетот е за 160 лица, а беа сместени 227), којашто е особено изразена во установите од затворен вид, како и во затворените одделенија на установите.
Ова зад себе повлекува други последици, како што е зголемениот број на претставки за насилство меѓу затворениците, кои нечуствувајќи се безбедни бараа институцијата Народен правобранител да им помогне во преместување во други простории,“ вели Зибери.
Тој го потенцира проблемот со малолетничките упатени на издржување воспитно поправна мерка.
Народниот правобранител констатирал дека тие се сместени во несоодветни услови, односно дека казнено-поправниот дом Идризово не е соодветна установа за сместување на деца, од причина што нема услови за остварување на основната цел на упатувањето на издржување воспитно поправна мерка, а тоа е нивното превоспитување, како и услови за задолжително образование и воспитување, услови за активно користење на слободното време и сл.
Во казнено-поправните установи нема подобрување во поглед на обезбедувањето на образовен процес и обезбедување на здравствена заштита.
„Најголем дел од установите(речиси во половина од нив) воопшто немаат медицинска сестра/брат, а постојат и установи во кои нема ниту општ лекар, ниту останат медицински персонал назначен од јавно здравствената мрежа (во КПД Прилеп самостојно е ангажиран психијатар кој извршува и функција на општ лекар, во Затвор Гевгелија, воопшто нема медицински персонал, поради што сите потребни здравствени услуги се третираат надвор од установата, за што трошоците паѓаат на товар на Затворот; отвореното одделение на КПД Идризово во Велес, воопшто не располага со медицински персонал и во поглед на здравствените потреби установата комплетно зависи од КПД Идризово, отвореното одделение на Затвор Куманово во Крива Паланка, исто така воопшто не располагаат со медицински персонал, а во случај на потреба од медицински прегледи, многу често осудените лица се спроведуваат до медицинските установи со возила коишто се во приватна сопственост на претставниците на затворската служба,“ вели Зибери.
Соработката со Народна банка е успешен пример за изнаоѓање на решение во интерес на граѓаните
Како успешен пример, Зибери ја посочува соработката со Народна банка, при што е решен проблемот на граѓаните за подигање на средства од банките, додека чекаа изготвување на документи за лична идентификација
Лани како последица на пандемијата граѓаните се соочија со проблеми при обезбедувањето/ промената на документи за лична идентификација и дека токму во летниот период се создаде застој во нивното издавање, состојба која влијаеше на егзистенцијата на граѓаните поради неможноста да си ги подигнат своите плати, пензии, средствата кои ги добиваат на име социјална помош.
Народниот правобранител оценил дека е недозволиво слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неоправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките.
Tweet |