Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 мај 2024
Претставата “Мац, мац!” ко-продукција на Пресврт, Театарот “Јордан Јаџи Константинов Џинот”од Велес и Гете Институтот а во режија и кореографија на Филип Петковски, ја доби наградата за најдобра претстава на годинешниот Меѓународниот театарски фестивал во Приштина (Prishtina International Theatre Festival) кој се одржа помеѓу 20 и 26 мај.
На свеченото доделување на наградите, режисерот Филип Петковски изјави дека е радосен што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место завземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.
Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сарајево, Интегра од Приштина, Ерато Театар и ХНК од Загреб, Експерименталниот театар “Кујтим Спахивољи” од Тирана и Народниот театар од Подгорица. Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка), додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарите Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (КултПлус).
По гостувањето во Приштина, претставата наскоро ќе се одигра и во Скопје, како и на затворањето на Меѓунаордниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември годинава, кој е од натпреварувачки карактер.
Tweet |