Петар Печков
Објавено: среда, 18 ноември 2015
Архитектот Мартин Гулевски е годинашниот добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството во Македонија.
Творештвото на Гулевски е создадено врз три основни меѓусебно поврзани дејности: архитектонско проектирање и истражување, педагошка дејност и општествено-јавен ангажман. Како проектант и истражувач Гулевски е присутен речиси половина век во нашата земја, но и во странство каде создава архитектура во интернационален стил, со изразена спрега меѓу архитектонското национално наследство и современиот интернационален стил во архитектурата.
Во творечкиот опус на архитект Мартин Гулески видно место зазема активното и успешно учество на многубројни архитектонски конкурси, како и јавните настапи уште од 1967 година. Учествува во тимот кој ја претставува Македонија на Венецијанското биенале во 2008 и во 2010 година, а изложува и три пати во Салонот за архитектура во Белград. За своите проекти е добитник на повеќе награди за архитектура, како и за реализирани објекти и истражувања.
Неговото творештво ја потврдува аксиомата на познатиот римски архитект и градител Витрувие: „Ниту талент без наука, ниту, пак, наука без талент можат да создаваат архитектура“.
Tweet |