речник контакт

Наградата ,,Енхалон,, за Игор Крајчев

Таа се доделува за најдобра песна прочитана од млад автор на „Струшките вечери на поезијата“

Петар Печков

Лауреат на награда „Енхалон“ која ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, е  велешанецот,  поетот Игор Крајчев, а наградата е добиена за песната „Полноќна“.

Таа се доделува за најдобра песна прочитана од млад автор на еминентниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Жири комисијата во состав, Иван Шопов, Виолета Танчева Златева и Жарко Кујунџиски, одлучија наградата „Енхалон“за  2016 на „Струшките вечери на поезијата“да ја понесе песната „Полноќна“ од Игор Крајчев.

Станува збор за заокружена, елиптична песна, во која на симболичен начин е отсликана потрагата на субјектот по себеси, која е универзална и својствена за секој човек, а особено за творецот. Авторот вешто варира и надградува еден мотив, умножувајќи ги лирските субјекти во песната, преку играта на светлината и сенките. Авторефлексијата во песната е изведена со помош на интимистичките, субјективни тонови, но авторот сепак не навлегува во патетика, квалитет кој можеби не е толку својствен за останатиот дел од неговото творештво. Како една од естетски најважните особености на песната, ја издвојуваме едноставната, речиси минималистичка изведба и вештината да се поентира со малку зборови, без раздрдореност, без непотребна и претенциозна екстензивност. Крајчев во песната „Полноќна“ нè потсетува дека понекогаш способноста за „бришење“ е подеднакво важна како и способноста за пишување, а моќта да се „боцне“ читателот лежи токму во белите простори на листот – стои во образложението на жири-комисијата.

Наградата беше врачена на последниот ден од фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, симболично на полноќ, а на поетот -лауреат, му ја врачи директорот на фестивалот Мите Стефоски.

 Еве ја и наградената песна 

                           ПОЛНОЌНА

 Ја оставам свеќата

да гори,

ме теши

додека разговарам

со својата сенка на ѕидот...

 

Учам да слушам

додека разговарам

со неа...

 

Светлината

преку мене

оцртува некој друг...

 

Се прашувам,

колку ли сенки живеат

во мене и

колку светлина треба

за да ги исцрта

на ѕидот...

 

Не зборувам,

слушам,

само тогаш

ќе чујам нешто што

не знам...

 

Ќе гледам

во формите

додека не се видам

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »