Петар Печков
Објавено: петок, 12 октомври 2018
Игор Стефковски -Стевац ја доби наградата за ,,Љупчо Филипов,, за развој и афирмација на стрипот во Македонија. Тој 15 години е присутен во секој број на печатеното издание на неделникот ,,Фокус,, каде ги третира дневните политички настани во Македонија.
Барем кај нас во Македонија инспирација за дневни настани, не недостига. Сценаристите се сменуваат сите овие години како го работам стрипот, мои се илустрациите. Тој е бренд на неделникот и планирам да издадам една стрип книга со избор од моите епизоди. Ќе биде тешко оти имам издадени 800 епизоди - кажа Стефковски кој е дипломиран на ФЛУ и вработен како дизајнер во Бирото за филателија при Македонски Пошти. Единствено во неделникот ,,Фокус,, и дневниот весник ,,Нова Македонија,, е застапен стрипот како уметност.
Наградата му беше врачена на 16-тото издание на Меѓународниот стрип салон кое се одржа во Велес а е во организација на Стрип центарот на Македонија. На стрип салонот годинава учествуваа 185 автори од 24 земји од светот. Првата награда, која е парична, ја освои стрипот ,,Влез во харем,, на Србите Алекса Гајиќ -цртеж и Марко Стојановиќ -сценарио. Второто место беше за стрипот,,Сатир,, на двајца автори од САД -Владимир Кузманов -цртеж и Катрин Месар- сценарио. Третото го освои Аргентинецот Фернандо Соса за стрипот ,,Мртов,,.
Tweet |