Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 ноември 2020
Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2020 година, за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа ја доби проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург што го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата. Нему наградата му беше врачена на пладне во предворјето на Спомен Костурницата.
Бескрајна благодарност за доделувањето на оваа награда. Нејзиното име „Гемиџии“ значи екстремна пожртвуваност, екстремна несебичност, екстремен патриотизам, интелектуализам, како што само велешани имаат, и ако некој тоа го препознал и во мене, големо благодарам. Ако оваа награда е за интелектуалци, тогаш добро знаеме кој се се` родил во овој град. Некој да ме прашаше, каква награда би сакал да добијам по извршената трансплантација, без двоумење ќе кажев, токму оваа награда. Роден сум во Скопје, а до 7-8 години живеев во Велес и кој да ме праша од каде си, јас велам од Велес. На денот на ослободувањето на градот, да споделам дека од мојата фамилија имав директни учесници во ослободувањето на Велес, двајцата браќа на мојот татко а и татко ми бил курир во тоа време иако бил на возраст од 11-12 години - рече д-р Сашко Јовев.
Награда 9-ти Ноември доби и дел од тимот на лекари кои ја направија првата трансплантација на срце а се родени велешани: др Тања Анѓуешева – кардиолог, др Димче Славевски -кардиоанестезиолог, др Александар Колев- специјализант по кардиохирургија, Катерина Ристовска Јанев- инструментарка и Александра Ристовска Тинев- инструментарка.
Tweet |