Петар Печков
Објавено: четврток, 07 април 2022
Со цел да се намалат трошоците за потрошената електрична енергија, која изминатата половина година драстично се покачи, локалната власт на Општина Велес одлучи градското осветлување да го префрли на ЈП Парк спорт и паркинзи. Советот оваа одлука ја прифати.
„Растот на цената на струјата на берзите е висок, па од тие причини и цената на електричната енергија постојано е во пораст. Тие ги надминуваат предвидените буџетски средства и претставуваат проблем во работа на локалната власт и во реализацијата на другите програми“- велат од Општина Велес.
Поради тоа тие одлучиле да предложат до Советот, кој го прифати барањето, јавното осветлување од општината, да се делегира на ЈП Парк спорт и паркинзи. Според законските можности, сите фирми кои имаат под 2 милиони евра приход и до 50 вработени, можат да одат да набавуваат електрична енергија на регулираниот пазар. Таму државата дала можност, цените да ги определува Државната комисија за енергетика, и цените во пракса се под тие на берзите. Додека на слободниот пазар, каде што електрична енергија набавуваат повеќето потрошувачи, цените се определени според берзанските.
Советникот Марјан Николов, поранешен член на УО на МЕПСО, со забелешка за осново по кој се делегира надлежноста.
„Не сме против да се делегира, тоа е добро решение. Но не можам да сфатам зошто за делегирањето се повикувате на Законот за енергетска ефикасност, кога тој е за друга намена. Таму се зборува за потрошувачката и заштеда на енергија а треба да се префрли преку Законот за локална самоуправа каде се зборува за корисникот. А во одлуката нема ниту податоци колку пари ќе се заштеди, ако се делегира надлежноста за јавно осветлување на ЈП парк спорт и паркинзи“- реагираше Николов од СДСМ.
По раскинувањето на договорот со универзалниот снабдувач во октомври, сметките на Општина Велес за јавното осветлување со новата берзанска цена, за потрошена енергија скокнале до месечно 8, 10 и 12 милиони денари за месец март. Ваква одлука донесе и Општина Чашка, за пренесување на надлежност за одржување на јавно осветлување на ЈПКД „Тополка“.
Tweet |