Петар Печков
Објавено: петок, 15 јануари 2021
Само три дена откако беа поставени првите подземни контејнери за смет во Велес, се појавија проблеми. Несовесни граѓани наместо во контејнерите, сметот оставаат до нив. Така бездомните кучиња и мачки веднаш го расфрлаат по јавните површини. При празнењето на вреќите од овие контејнери, кои имаат капацитет од три метри кубни, комуналците констатирале дека се празни.
Апелираме до граѓаните сметот од домаќинствата да го оставаат во ново поставените подземни контејнери кои се лоцирани на местата каде претходно имаше садови за смет, а не околу нив - реагираат од велешкото комунално претпријатие ЈКП Дервен.
При тоа тие потсетуваат дека начин на употреба е едноставен, се притиска педалата, автоматски се крева капакот и граѓанинот го остава сметот во кесата.
Во вторникот на седум локации во централното градско подрачје во Велес, беа поставени седум подземни контејнери. Се најавува дека во наредниот период ќе се постават повеќе на други локации.
Tweet |