Петар Печков
Објавено: петок, 03 март 2023
Наместо по 130 илјади денари за три неисплатени плати и придонеси, седумдесетина поранешни работнички на текстилна фабрика од Кавадарци ќе треба да платат20 илјади евра за судски трошоци.
Ова е првостепена судска одлука на судија од Основен суд Кавадарци, која ги изнесе на протест поранешните вработени од фабриката. Тие се револтирани бидејќи работодавецот им должел три плати, вклучувајќи и придонеси или 9,6 милиони денари за сите нив а судот донел одлука дека не се во право.
„Судот констатирал дена не се утврдени побарувањата на работничките, дека вработените немаат докази оти во периодот кога тужеле, биле работно ангажирани во текстилната фабрика. По оваа одлука, тие треба да платат штета оти не земале плата. По ваквата судска одлука треба ли да се чудиме зошто граѓаните немаат доверба во судството. Работниците се оштетени а правниот систем не ги штити“- кажа Кристина Ампева од граѓанскиот здружението „Гласен Текстилец.
Вработените сведочат како во тој период пари од фабриката каде биле ангажирани, се пумпале средства во ново формираната, која ја наследила сега згаснатата текстилна фабрика.
„Текстилната фабрика каде работевме пропадна од недомаќинското работење, од презадолжување во банките и инвестициите во фабриката за флаширање на минерална вода а обврските се плаќаа од вработените во текстилната, кредити, побарувања, обврските спрема банките, камати. Се кратеше од платите на овие жени, работеа без здравствено осигурување, немаше за плати“ - кажа Зора Мантева сметководител во поранешната текстилна фабрика.
Сопруг на поранешна вработена, која во меѓувреме починала, понуди пресуди на кавадаречки суд, каде првостепен суд го прифаќа нејзиното барање, дека фабриката и должи тогаш две плати,пресуда која е потврдена од Апелација.
Пресудата не е правосилна, странките имаат можност да ја обжалат пред Апелација Скопје.
Tweet |