Петар Печков
Објавено: среда, 30 јуни 2010
Дури во вториот уписен рок со пријавените десетина завршени осмо одделенци успеа да се оформи една паралелка во Кочо Рацин, која ќе брои 30-тина ученици, додека најавените две во стручното средно Коле Неделковски поради малиот број пријавени ученици нема да заживеат.
Иако пред половина година во советот на општината, советникот од Нова Демократија, Нафит Исмаили побара поради зголемениот број на ученици кои ќе конкурираат во прва година во средното образование во Велес, да се оформат албански паралелки во специјализираните средни училишта, тоа не се случи.
Само десетина пријавени вкупно во двете паралелки за електротехничар за електроника и телекомуникации и за машински техничар беа премалку во Коле Неделковски по прв пат да почне да се учи на албански јазик. Оваа бројка е далеку од минималните 21 ученик за да една паралелка започне да работи.
Учениците одбиваат да го продолжат школувањето во Велес бидејќи се незадоволни од условите во кои се одвива наставата. Во Гимназијата настава следат во несоодветен простор а поради штрајк на професорите за неисплатени плати, два месеци тие не следеа настава, која за половина предмети се одвива на македонски јазик. Бидејќи станува збор за импровизација, децата се запишаа во Гостивар, Тетово, Дебар а тие со послаби финансиски можности ќе чекаат да добијат пријава заради тоа што не го продолжиле образованието – изјави Рамадан Амзов претседавач на Советот на општина Чашка и жител на Горно Јаболчиште,, од каде, заедно со Бузалково, доаѓаат децата кои го продолжуваат задолжителното средно образование.
Во овие две села во велешко каде се учи на албански јазик завршија 57 во Горно Јаболчиште и 55 во Бузалково, но само 30 од нив ќе го продолжат школувањето во блискиот Велес, другите во Западна Македонија дел од нив ќе останат дома.
Tweet |