Петар Печков
Објавено: вторник, 20 ноември 2018
Дозвола за усогласување, што е дел од постапката кон добивање на ,,А,, интегрирана дозвола на ,,Техно павер,, сопственик на варницата во населба Превалец му е одземена на 4-ти јуни годинава и од тогаш таа не работи. Ова го кажа Фатос Брлиу помошник раководител на сектор во Министерство за животна средина на Јавната расправа по барањето на ,,Техно павер,, за добивање на А,,интегриран дозвола.
Фабриката за вар не работи. Јас бев во еден наврат во контрола заедно со двајца инспектори на Државниот инспекторат за животна средина и ова го констатиравме на лице место- кажа Брлиу. На ова се надоврза и правниот застапник на ,,Техно Павер,, адвокатот Виктор Јовановски кој кажа дека фабриката не работи. Прашан како тоа фабриката не работи а на 29 октомври во 12,45 ч. имало силна детонација, која ги вознемири граѓаните од населбите Тунел и Превалец адвокатот само слегна со рамениците.
Не сум запознаен - рече Јовановски. Негов најчест одговор на прашањата од јавноста беа ,,не знам,, и ,,фабриката не работи,, Овие изјави на надлежните предизвика револт во салата, смеа и ракоплескање.
Не знам каква е оваа јавна распава кога нема претставник од раководството на фабриката, од Државниот инспекторат. Ми личи на дијалог на глуви, ние прашуваме одговор нема - рече екологистот д-р Ненад Коциќ, члена на Советот на Општина Велес. Бидејќи многу прашања останаа без одговор,а фабриката според жителите на околните населби, работела и во текот на ова јавна расправа, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски преку присутните претставници на фабриката и на Министерството испорача неколку барања.
Јавете се на сопственикот и кажете му да ги сопре сите производни процеси. Доколку тоа не се случи, претставниците на Министерството нека им пренесат на колегите од Државниот инспекторат за животна средина да дојдат во ненајавена посета и видат како Варницата работи и ја затворат. Ако не, тогаш ќе направме жив ѕид на чело со мене и фабриката нема да работи - порача Коцевски. Присутните жители од населбите Превалец и Тунел беа во дилема кој тоа дозволува капацитетот да работи иако ги нема потребните дозволи, дали е ова договор со некого или преќутен молк зад кој се кријат други интереси.
Tweet |