речник контакт

Наплата на долг

Гужва пред шалтерите на Електро Велес, откако ЕСМ им испратила известување за неплатен долг.

Петар Печков

Гужва пред шалтерите на Електро Велес, откако ЕСМ им испратила известување за неплатен долг. На парчето хартија кое е без печат, потпис и друг валиден жиг, пишува дека доколку веднаш долгот не се плати струјата ќе биде исклучена. Бројни се  реакциите на граѓаните кои се жалат дека немаат никаков долг и сите сметки навреме им се подмирени, но добиваат предупредувања.

- Досега редовно ги плаќав сите сметки, немам задоцнето ни ден, не ми е јасно како можеже да добијам предупредување иако на претходните сметки немам регистрирано долг. Ја плаќав и давачката за радиодифузна такса - вели еден од бројните граѓани кои жестоко реагираат на оваа новина. 

Неофицијалните информации велат дека околу шест илјади семејства во општината добиле вакви предупредувања. Тоа е висок процент, бидејќи наплатниот центар на ЕСМ за Велес покрива околу 12 илјади броила, што ќе рече дека половината од граѓаните должат пари за неплатена струја.

За нив е неразбириво што во долгот има засметана и камата, иако не биле на суд а парчето хартија нема никаков легитимитет, бидејќи нема никаков официјален доказ дека е од ЕСМ.

-  Ваков лист може да ми даде секој и да бара пари. Каде се инспекциите да проверат што се случува. Од каде камати кога не сум бил на суд. Знам дека ништо не должам и јас ќе ги дадам ЕСМ на суд па тие нека платат што ме воземируваат - вели друг револтиран велешанец.

Од ЕСМ велат дека причина за дистрибуирањето на вакви известувања се големите долгови на дел од потрошувачите. Најчесто станува збор за долг поради тоа што сметката не била платена на време, па на неа е пресметана камата. Ги избегнале судските постапки, бидејќи биле долги и некорисни за нив.

Објаснуваат дека нема печат и потпис, бидејѓи тоа се само предупредување за неплаќачите. Не кријат дека е можно некој да  биде прозван по грешка, но не нивна, туку на банките поради грешно впишаната шифра.

Најголем дел од должниците не плаќале радиодифузна такса па сега истата им се јавува како долг, кој мора да се подмири. Трет ден во велешката подружница на ЕСМ стотици граѓани со часови чекаат на ред, некој да платат за долгот, а други да докажат дека не се должници и  беспотребно се вознемирувани.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »