Петар Печков
Објавено: сабота, 18 мај 2013
Дански научници веруваат дека во рок од неколку месеци ќе дојдат до револуционерен пронајдок во наоѓање на лек против вирусот ХИВ, кој предизвикува сида, пишува Телеграф.
Тие моментално спроведуваат клинички тестови да ја испитаат новата стратегија во која ХИВ вирусот се одвојува од човечката ДНК и трајно се уништува со имунолошкиот систем. Научниците исто така очекуваат дека резултатите ќе покажат дека лекот е поволен за масовна дистрибуција и прилагоден за секој џеб, ако тоа биде можно. Научниците сега спроведуваат тестови над пациенти, во надеж дека новиот метод ќе се покаже ефективен.
Според лабораториските резултати, нивниот метод веќе работи. Новата техника вклучува отпуштање на вирусот ХИВ од резервоари кои тој ги прави во клетките на ДНК и негово исфрлување на површината на клетките. Еднаш кога ќе избие на површината, природниот имунолошки систем на телото може да го убие вирусот со мала помош на вакцината.
Во лабораториските испитувања новата техника се покажа толку успешна што данскиот истражувачки совет во јануари на научниот тим доделил 12 милиони дански круни (1,6 милиони евра) за понатамошни истражувања на луѓе, кои моментално се во тек.
Како што вели др. Оле Согард член на истражувачкиот тим, првите резултати се ветувачки. – Речиси целосно сум сигурен дека ќе бидеме успешни во отпуштањето на резервоари на ХИВ. Предизвикот е да го наведеме имунолошкиот систем на пациентот да го препознае вирусот и да го уништи. Тоа зависи од силата и чувствителноста на имунолошкиот систем – истакна тој.
Во испитувањето учествуваат 15 пациенти, а ако се покаже дека се излечени од ХИВ, лекот ќе се тестира помасовно.
Согард истакнува дека лекот не е исто што и превентивната вакцина и дека зголемувањето на свеста од сида останува важен фактор во борбата против ХИВ.
Комбинирана техника
Научниците треба да спроведат клинички тестови, во кои ќе истражуваат комбинирана техника за отпуштање на резервоарите на ХИВ, покрај имунолошката терапија. Тие се фокусираат на пациенти кои неодамна се заразени, бидејќи сметаат дека лекот ќе биде успешен.
- Кога ќе го излечиме првиот пациент на овој начин, тоа ќе биде спектакуларен момент – вели др. Џон Фрејтер, член на тимот.
Научниците во новата техника применуваат ХДАЦ инхибитор и тоа посебно силен панобиностас, кој обично се користи за лечење на рак, за да го исфрлат вирусот на ХИВ од ДНК на пациентот.
Сега, со модерните лекови, пациентот може да живее нормално и да додека старост со ограничени споредни ефекти. Меѓутоа, ако се престане со земање на лековите, резервоари на ХИВ повторно се активираат и почнуваат да произведуваат повеќе вируси, па симптомите можат повторно да се појават во рок од само две недели.
Откритието на лекот би ги ослободило пациентите од потребата постојано да земаат лекови, а здравствените служби би заштедиле милијарди евра.
Новата техника се истражува во Велика Британија. Универзитетот Оксфорд во Кембриџ, Империјалниот колеџ, Универзитетскиот колеџ и Кралскиот колеџ заедно основаа истражувачка група ЦХЕРУБ посветена на откривање на лек против ХИВ.
Додека данските научници наведуваат дека се многу блиску да прогласат откритие на лек, медиумите денес потсетуваат на приказната на лекарки кои се заслужни за првото излекување на бебе од ХИВ, а кое се најде на овогодишната листа на Тајмс, на 100 највлијателни луѓе на светот.
Тоа се др. Кетрин Лузуријага, педијатар на Универзитетот Масачусетс, која наспроти откритието главно е непозната во пошироките кругови, др. Хана Геј од Универзитетот Мисисипи и др. Дебора Персауд виролог од Детскиот центар Џон Хопкинс.
Излеченото бебе е родено во Мисисипи пред повеќе од две години. Мајката имала ХИВ, но не знаела дека е болна се до породувањето. Во текот на бременоста не одела на редовни лекарски прегледи, па болеста не била дијагностицирана порано.
Новороденчето е испитано на ХИВ по 30 часа од неговото раѓање. Тестот бил позитивен, а бројот на вирусите бил 19.812 копии. Др. Хана Геј применила комбинација наречена АРТ, во која спаѓаат лековите АЗТ, ЗТЦ и невирапин. Невирапин по седум дена бил заменет со калетра. Се покажало дека бројот на вирусите е намален, што е вообичаено, на 2.617, потоа на 516,265, па конечно на помалку од 48 копии (под границата на детекцијата).
Без вируси и по пет месеци без третман
На бебето било давано лек АРТ следните 18 месеци, а потоа се изгубил контактот меѓу мајката и детето. Мајката се вратила по пет месеци, во чиј тек на бебето не му го давала лекот. Др. Геј, на сопствено изненадување, утврди дека бројот на копиите на вируси и понатаму е под границата на детекција, наспроти тоа што бебето не го примало лекот.
Ова ја навело др. Геј да се обрати на експертите за ХИВ кај децата, на Дебора Персауд и Кетрин Лузуријага. Резултатот од нивното истражување доведе до откритија презентирани на конференцијата за печат во март. Неколку независни лаборатории, специјализирани за истражување за многу мали броеви на копии на ХИВ, детектирале екстремно ниски нивоа на виралниот генетски материјал, т.е. не бил детектиран репликациски компонент на ХИВ.
Лекарите истакнале дека е во прашање само едно бебе, чиј случај го споредиле со берлинскиот пациент. Меѓутоа, произлегува дека навремениот и прогресивен третман на ХИВ кај децата може да резултира со лечење и што е најважно, детето не мора да зема лекови до крајот на животот.
Освен што нивната работа е револуционерен напредок во идните истражувања на лек против ХИВ, случајот на трите лекарки покажува колку жените научнички и денес се невидливи за јавноста.
текстот е преземен од Телеграф - Лондон
Tweet |