Петар Печков
Објавено: среда, 27 октомври 2010
После петнаесет години доброволна работа, Наце Алексовски може да здивне и да ужива во неговата одамна спечалена пензија. Откако пред десетина дена заврши изградбата на пешачката патека преку Железниот мост, не постои повеќе никаква пречка и велешани преку него можат да минат спокојно и без проблеми. Со ова заврши долгогодишната самоиницијативно прифатена обврска, Наце да го одржува мостот, без никаква материјална корист.
Новата пешачка патека е одлично реализирана идеја. Сега илјадници велешани од овој дел на градот ќе можат непречено и слободно да се движат преку мостот и да не стравуваат за нивната безбедност. Не беше се исто да се оди над 30 метарска провалија по дотраени даски, кои крцаа и се нишаа и сега по стабилна челична патека– вели Алексовски.
Новата патека која е во должина од скоро 245 метри и широка 1.95 метри е коловозна армирана бетонска плоча со подлога од челик, поставена на челична конструкција. Во должина од целата патека има метална ограда и канделабри за осветлување. Во нејзино продолжение беше бетонирана патека во должина од 80 метри за пешаците кои ја користат, непречено да се движат. Целокупната инвестиција на локалните власти е вредна 6 милиони денари. Во дворот од Алексовски се составуваа металните делови за патеката, па Наце активно учествуваше и во оваа фаза од градењето. Така завршија децениските маки за велешани како безбедно да го минат мостот.
Откако Наце во 1993 како пензионер на Македонски Железници заминал во пензија, сам ја презема обврската да го одржува Железниот мост, крај кој живее, на десетина метри од него. Оваа работа ја извршуваше доброволно, без никаква надомест и договор со МЖ, ги менуваше дотраените штици, за минувачите слободно да се движат преку мостот. Негова секојдневна обврска беше да прошета по Железниот мост и да провери каква е состојбата на пешачката патека. Така овие двајца пријатели, мостот и старецот, другаруваа петнаесетина години се до неодамна. Пред тоа тој работел во Работната единица Ремонт на пруги при Македонски Железници. Од тука потекнува неговата поврзаност со овој монументален објект, една од знаменитостите на Велес.
Оваа моја заинтересираност за мостот потекнува од таму, што цел живот го минав во одржување на пругите низ Македонија. Кога дојде време да одмарам, се решив и натаму да останам со професијата и да го одржувам Железниот мост, како моја добра желба. Внимавав и ја поправав пешачката патека, да не се случи некој минувач да се повреди и пропадне. - вели Наце Алексовски, додавајќи дека обврската му причинувала големо задоволство и не се жали, што од сопственикот Македонски Железници досега не добил ни денар надомест.
Даските ги земал од резервите на прагови, кои служат за поправка на пругата, додека сам ги купувал шајките. Негова редовна ставка при трошењето на скромната железничката пензија до минатиот месец беше и материјал за одржување на Железниот мост. Но повеќе нема да има такви грижи кон дотраените даски, под кој ѕиркаше реката Вардар и се гледаше како таа мирно патува кон Солун.
Новата патека му овозможи да ужива во пензијата и спокојните старечки денови. Неговата сопруга Надежда помни многу настани и анегдоти поврзани со мостот, бидејќи постојано била дома и е нивен сведок. Објаснува дека старата патека најмногу ја оштетувале помладите мотористите кои поради тоа што немале дозвола пред полиција бегале преку мостот или пак за да го скратат патот. Таа ја потврдува анегдотата дека автомобил минал преку мостот.
Беше попладне, кога слушнавме врева, излеговме од дома, кога што да видиме. Група од три четири момчиња туркаа фиќо по шините. Не ги прашавме како и зошто, но знам дека го минаа мостот, дали е во прашање опклада како што се зборуваше, или нешто друго, тие знаат - вели Надежда Алексовска. Таа помни и друг, непријатен настан, кога во 1981-та тука загина велешанец, каскадер во филм.
Се снимаше филмот „Време на летала“ и требаше да се скокне од мостот во Вардар. Иако момчето тоа го направи во неколку наврати, во последниот обид не излезе од Вардар. Три дена го бараа телото и дури потоа го најдоа подолу кај Стар мост - објаснува Надежда, која иако има 76 години живо се сеќава на многу случки. Помни кога Вардар бил голем и опасен, наспроти сега кога е мирен и тивок. Мостот има повеќе безмалку 90 години, полека го напушта здравјето, иако постарите велешани помнат дека преку него за време на Втората светска војна, германците минеле со тенкови.
Во поново време има наредба две локомотиви, од американските, што ние ги викаме Кенеди, да не смеат да бидат поврзани една до друга во една композиција, едната напред, другата назад може, но заедно не, ете толкава издржливост има мостот сега - вели Наце. Тој живее во куќата покрај штипската пругата и мостот и другарува со возовите. Помни дека порано имало редовен сообраќај, сега неколкупати неделно минуваат теретни возови со нафта и масло за Штип и четири пати дневно патничкиот воз од и за Кочани.
За Железниот мост се знае дека е изграден 1922 од страна на руси-белогардејци. Срушен е на 8-ми ноември 1944 година, ден пред ослободувањето на Велес, заедно со Стар мост и Мало мовче, кога Германците се повлекувале кон Скопје. Истите луѓе инженери подоцна биле заробени, и како казна пет години повторно го граделе Железен мост. Го составиле долу покрај реката и потоа секој ден во висина од по еден железнички праг го кревале додека не го поставиле во 1949. Како награда за успешно извршената работа, биле пуштени дома во Германија. Денес Железниот мост е еден од симболите на градот, уште еден доказ за неговото старото име Ќупурли, град на мостови.
Tweet |