Петар Печков
Објавено: сабота, 25 август 2012
Човек би помислил дека најлудата винска приказна веќе е раскажана во „Убиствата во Мидсомер“, во епизодата во која адвокатот Ник Турнер го убила жената гаѓајќи го со шишиња со вино бордо од неговата визба. Но, Њујорк и Лос Анџелес веќе три месеца ги потресува скандал кој ја надминува фантазијата на ТВ сценаристите.
Еден човек е уапсен, еден винар доби правда, а еден моќен пазар можеби ќе го смени континентот. Иако полициската истрага трае веќе три години, приказната штотуку почна да се расплетува во својата вистинска големина. Направена е најголемата винска измама во историјата.
Тешко достапните и прескапи, големите вина од историските берби се предмети на големи желби. Тие во инвестициите се сигурни како Пикасо. На аукции се вртат стотици милиони долари. Њујорк е епицентар на тој затворен свет. Малку, многу малку луѓе можат да се натпреваруваат за највредните вина. И милијардер мора да плати 42.000 долари за шише шампањ.
Дури и во такво друштво малкумина можеле да го следат Индонезијецот Руди Курниаван. Се појави од никаде. Купуваше огромни количини. Неговата страст беа вина од Бургундија. Го викаа Др. Конти, поради љубовта кон вината од најпрестижниот бургундски производител „Домeин де ла Романе-Kонти“.
Експлозивен спој
Се збореше дека на вина трошел и милион долари месечно. За „Тајмс“ изјавил дека за прв пат пробал вино на 28 години, кога во 2000 година на маса во ресторан во Сан Франциско му донеле шише црно вино од „Напа Валех Опус Уан“ од 1995 година. На почетокот бил фасциниран од калифорниските вина, но набрзо ги открил ретките француски вина и за него повеќе немало враќање.
Богатите познаници го внеле во три ексклузивни групи на љубители на вина во Лос Анџелес: „БургВорес“, „Диф, Дамб енд Блинд“ и „Ројал Ордер оф Пурпл Палат“. Зад лудите имиња се криеле големи фанатици, од големи играчи од „Вол Стрит“ до холивудски продуценти. За да пие човек со такви луѓе, не е доволно да е богат, треба да има импресивна винска визба и специфични социјални вештини.
Младиот Курниаван бил совршен кандидат. Со своите азиски црти на лицето, црната коса залижана со гел и монденски очила, во „Хермес“ костуми, со „Ферари“, „Бентли“ и компулзивно великодушен, изгледал доволно богат, зелен и благонадежен, така да никој не се посомневал во ништо. На мајката Мелиша за 60-от роденден и го изнајмил најлуксузниот ресторан во Санта Моника и цела ноќ ја послужувал со вина од својата визба. Џеки Чен во еден момент стоел на маса со јеробоам, пет литарско шише „Шато Петроу“ и на цел глас викал: „Руди најдобар си!“ Многумина се согласиле со него.
За Руди Курниаван се почнало во 2004 година кога на една винска вечера во Лос Анџелес го запознал Џон Капоне, директор на аукциската куќа „Акер Мерал енд Кондит“. Со енергичниот 36-годишен маж кој многу пиел, биле експлозивен спој. Нивното четиридневно опивање во њујоршкиот ресторан „Кру“ во октомври во 2004 година остана амблем на новата, погруба и понаметлива винска култура која се појавила.
Курниаван на крајот на тој маратон испил црно вино „Американ Експрес“ кое чинело 250.000 долари. На масата поставиле легендарни вина: „Маутон Ротшилд“ од 1945, „Жабулет Хермитаж Ла Шапел“ од 1961, „Лa Tаш“ од 1971, „Роамне-Конти“ од 1964 година и „Гигал Кот-Роти Ла Мулин“. Самото набројување на тие брендови и берби било доволно кај љубителите на вино да предизвика лесен епилептичен напад.
Милионски аукции
Курниаван таа ноќ направил нешто многу необично. Ги замолил келнерите на Кру дома да му ги испратат празните шишиња. Идниот пат ги замолил да го направат истото. Од 2004 до 2006 година на Кру му праќале кутии празни шишиња. Во трите години Курниаван станал најпознат колекционер во Америка, се зборело дека купува цели приватни колекции, дека има фотографска меморија и дека го проучува секој детал за вината, дури и како етикетите се менувале со текот на годините. Толку многу купувал што во 2006 година и самиот го зголемил целиот пазар за неколку проценти. А потоа почнал да продава, опсесивно како што купувал. Капоне му организирал две аукции, драматично наречени „Селар“.
На првата продал 1.700 шишиња за рекордни 10,6 милиони долари. Веќе на идната рекордот бил урнат со 24,7 милиони долари. На аукциите во неверојатни количества се појавиле фалсификувани вина кои речиси никогаш не можеле да се видат. Аукциската куќа на Капоне станала најмоќна во светот.
Курниаван бил енигма. Еден од ретките луѓе од винскиот свет кој навистина го познавал бил Паул Васерман, колекционер кој на самиот почеток го вовел во магијата и сложеноста на бургундските вина.
текстот е преземен од Јутарњи лист - Загреб
Tweet |