Петар Печков
Објавено: сабота, 08 април 2017
Ресторанот "Илевен Медисон парк" во Њујорк, со 3 Мишелин ѕвездички е награден за најдобар ресторан во 2017 година во Мелбурн, Австралија.
За изборот на најдобри 50 ресторани во светот гласаа 1.000 експерти од гастрономската индустрија, вклучувајќи писатели, критичари и шефови на кујни од целиот свет.
Во првонаградениот ресторан кој нуди француска модерна кујна со печат на Њујорк, главен шеф е швајцарскиот готвач Даниел Хам.
На второ место е ресторанот "Остериа Франческана" во Модена, Италија, исто така со 3 Мишелин ѕвездички, од 2010 постојано меѓу петте најдобри ресторани во светот.
На трето место е ресторанот "Ел Селер де Кан Рока" во Жирона, Шпанија, со традиционална каталонска кујна.
На четврто место е ресторанот "Миразур" во Ментон, Франција со две Мишелин ѕвездички.
На петтото место е ресторанот "Централ" во Лима, Перу, нема ниту една Мишелин ѕвездичка, а во кој се готви со состојки од џунглата. Ресторанот, во изминатите три години е прогласуван за најдобар во Јужна Америка.
Славниот британски мастершеф Хестон Блументал ја доби наградата за животно дело на изборот "50 најдобри ресторани во светот". Неговиот ресторан во Лондон го освои 36. место на листата на 50 најдобри ресторани.
Tweet |