Петар Печков
Објавено: недела, 02 јуни 2013
Во текот на изминатите шест години, Топ 10 листата на нови видови ја составува Интернационалниот Институт за истражување на видови при државниот Универзитет Аризона и ја објавува на годишнината на раѓањето на Карл фон Лине, шведски биолог и научник. Во 18 век ботаничарот Лине направил современ систем за именување и класифицирање на видовите.
Стручно тело избра топ 10 нови видови од над 140 номинирани, а за да се разгледува нивниот влез на листата, видовите морале да бидат именувани во текот на 2012 година според соодветниот систем на именување.
- Баравме организми со неочекувани карактеристики или големина, како и тие најдени на ретки или тешко достижни места – наведе во соопштението Антонио Валдекасас, биолог и зоолог од Националниот музеј на природни науки во Мадрид во Шпанија. – Исто така баравме организми кои се посебно значајни за човештвото – тие кои играат одредена улога во човековата околина, или се во врска со неа – додаде Валдекасас претседател на одборот кој ја сочинуваше топ 10 листата.
Видови со чудни карактеристики
Еден од тие видови е и бубашваба која свети во темно наречена Lucihormetica luckae. Со своите светлечки особини, овој вид на бубашваба всушност ја емитира својата отровна роднина и на тој начин ги брка предаторите од себе.
Покрај бубашвабата, на листата се најде и сунѓер месојад во облик на харфа. Сунѓерот (Chondrocladia lyra) кој живее на три километри под Тихиот Океан, има 20 бодликави лопатки кои потсетуваат на жици на харфа. Кога ќе го улови меснатиот плен, сунѓерот го обвиткува во тенка мембрана и полека почнува да го вари животното.
На листата се најде и мајмун со син задник. Откриен е во Демократска Република Конго, Cercopithecus lomamiensis е животно кое полесно е да се слушне отколку да се види. Очигледно, овој мајмун со длабок глас изведува песна во зорите. И покрај тоа, тој има некои чудни карактеристики, вклучувајќи го и оголениот дел од кожата со сина боја на задникот и гениталиите, како и човеколики очи.
Во ова необично друштво се најдоа уште и ноќна змија која јаде полжави (Sibon noalamina) најдена на планинскиот венец во Панама; жаба со екстремно мала големина долга само 7 милиметри (Paedophryne amanuensis) и сега се смета за најмал рбетник на светот.
На листата уште се и црна печурка која се заканува да ги оштети цртежите кои се наоѓаат во пештери од времето на палеолитот; потоа мала темјанушка од високите Анди во Перу; жбун кој спаѓа во загрозени видови, со смарагдно зелени листови и цветови со виолетова боја; и нов вид на висечки муви која ги имитира лисјата налик на оние од дрвото гинко.
Идентификување на биодиверзитетот
Во одборот велат дека идентификувањето на видовите на Земјата е тешка работа, посебно од кога многу видови се загрозени.
- Со децении во просек откривавме околу 18.000 видови годишно, што беше разбирливо пред кризата на биодиверзитетот. Сега, кога знаеме дека милиони видови можеби нема да го преживеат 21 век, време е да го забрзаме темпото – наведе во соопштението Квентин Вилер, основач и директор на Интернационалниот Институт за истражување на видови при државниот Универзитет Аризона, додавајќи дека им е потребна една мисија слична на таа каква што ја има НАСА, за во следните 50 години да најдат уште 10 милиони видови.
текстот е преземен од Live Science
Tweet |