Петар Печков
Објавено: понеделник, 25 ноември 2013
Најстарите книги сопственост на велешката библиотека, повторно се изложени пред читателите. Откако подолго време беа скриени од јавноста, директорот на оваа културна институција реши книгите кои се стари по два и три века да бидат на увид на читателите. Повеќето од нив се одлично сочувани и пример за графички изглед на денешните изданија. Таа е оставина од Словенката Вида Балтич.
Повторно ја изложуваме најстарата збирка на книга, кои се во наша сопственост. Своевремено ги донирала Вида Балтич. Имаме точно 135 наслови. Повеќето се пишувани на германски, помал дел на италијански или француски јазик. Повторно ги изложуваме оти тие се гордост на велешката библиотека. Сакаме ова наше богатство да го споделиме со велешани, нашите читатели но и гостите кои доаѓаат во нашата институција и град. Горди сме на ова што го имаме, затоа сакаме пошироко да го промовираме – вели Игор Крајчев директор на локалната Библиотека ,,Гоце Делчев,, од Велес.
Најстарата книга датира од 1773-та година, отпечатена е на 28 април. Книгите се дел патописи, дел верска литература, житија, библиски текстови. Има и збирка дела од Шекспир, па Тројцата Мускетари од Дима, Левстик, Емил Зола, Гете.
Потребно е да дојде стручен тим кој би ја истражил оваа збирка. Минатата година некои студенти пројавија интерес, но немаше конкретна завршница. Очекувам дека оваа изложба ќе предизвика поголем интерес. Повеќето книги се во одлична состојба, некои во лоша. Ќе побараме помош од музејските работници да ги сочуваме – додава Крајчев.
Словенката Вида Балтиќ е сопруга на жупанот Вилко Балтиќ, која живеела до 30-тите до 50-тите години во Неготино а книгите ги подарила на велешката библиотека.
Tweet |