Петар Печков
Објавено: среда, 05 јуни 2013
“Животот по дефиниција е брутална елегантност”– вака во едно свое дело вели професорот и писател Венко Андоновски, за кого човекот треба постојано да се менува и да се надраснува себе си.
Младите треба што поскоро да го прифатат ова, толку подобро за нив. Ќе созреваат во здрави личности кои самостојно ќе одлучуваат за сите нивни избори во животот, а ги има многу. Предизвикот сам да донесуваш одлуки, сам да ја креираш сопствената иднина, во својата суштина го носи прашањето дали сам ги заработуваш парите со кои располагаш?!
Во светот во кој денес живееме ни малку не е лесно да се дојде до некоја нормала, до некоја константа кој ќе ни овозможи полежерно и поспокојно да го живееме секојдневието. Но сепак, се чини дека и денешната младина делумно ја носи кривицата за ваквата состојба, затоа што многу касно се решава да застане на свои нозе и да заработува за да се издржува самостојно. Традиционалните вредности во нашето општество, исто така допринеле за ваквата состојба, затоа што младите до триесеттата година од животот најчесто се во семејна заедница со родителите, па полежерно и понеодговорно се однесуваат кон работните одговорности.
Споредбено со западните земји, каде и средношколците заработуваат сопствен приход. Кај нас, ретко се случива студент да работи и истовремено да посетува настава.
Сеуште немаме изработено концепт за инклузија на младите во работоспособната група на луѓе, која ќе овозможи се повеќе млади од своите среношколски денови да можат да се пофалат со сопствени примања. Целиот систем не е направен да функционира во прилог на тоа младите што порано да се осамостојуваат и да бидат будни креатори на општеството.
Фактори кои најчесто влијаат за ваквата состојба на младиот човек во Македонија се: невработеноста која е повеќе од 45.8%, ниските плати кои не покриваат ниту основни трошоци за нормален живот, сиромашни семејства во кои младите луѓе се принудени да ги напуштат студиите и да бараат работа со ниски квалификации.
Погледнато низ бројки сето ова би изгледало отприлика вака:
• Во Македонија живеат 483.448 млади на возраст од 15-29 години, и од нив 45.8%, во некои студии оваа бројка стигнува и до 58% се невработени.
• Според заводот за статистика, официјално 51% од младите луѓе на возраст од 15-29 се економски неактивни , не учествуваат на пазарот на трудот односно, се невработени или бараат работа на пазарот на трудот.
• Се проценува дека еден од 10 работници во "сивата" економија е млад човек кој припаѓа на групата од15-29 години .
•Повеќе од еден на пет активни млади не се вработени ниту пак се регистрирани како невработени, а се вклучени во нелегална работа,
• Проценките не се прецизни, но се чини дека 52.000 млади луѓе кои дипломирале од вишите школи или универзитети ја напуштиле Македонија во последната деценија за да најдат подобри можности во странство.
Бидејќи ова е општата состојба, тогаш со сигурност можеме да тврдиме дека младите во Македонија се посебно ранлива категорија, и дека бариерите со кои тие се соочуваат на пазарот на труд се реално големи.
Со цел да се промени ваквата состојба, оваа кампања да биде само еден позитивен пример за општеството.со што ќе се делува во позитивна насока!
Изработка,
Марта Страчкова Бузалковска
“ПРВА РАБОТА” проект за поттикнување можност за вработување на млади луѓе, на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, УНДП и канал 77.
Tweet |